Фото: ЕПА

Цената на недостигот од вода: Европа ги губи приносите, сточарството и сигурноста на храната

 

  • Сушата има колосален удел во девастирањето и на сточарскиот и на полјоделскиот сектор во Европа. Таа сериозно ги погоди сите земјоделски дејности – од сточарството, преку клучните култури за храна како што се пченката и сончогледот, до производството на маслиново масло и вино

Сушата што ја зафаќа Европа ги принудува сточарите да посегнат кон користење зимски резерви на храна неколку месеци порано од предвиденото, бидејќи исушените пасишта и оштетените посеви ги намалуваат резервите, објавува „Еурактив“.
Летово е обележано со пожари и високи температури, при што околу 38 отсто од земјиштето во Европската Унија е изложено на суша, според официјалните податоци, вклучувајќи 14,8 отсто од обработливото земјиште и 14,5 отсто од шумите.
Сушата зема данок во европското земјоделство, погодувајќи ги сите дејности – од производство на маслиново масло и вино до клучните култури за храна како што се пченката и сончогледот. Франција, еден од најголемите производители на пченка во блокот, ја очекува најниската жетва од 1980 година.
За сточарите, непосредниот проблем е храната. Исушените тревни површини го намалија пасењето низ делови од Западна и Централна Европа, додека слабите жетви ги прават алтернативните резерви поретки и поскапи.
Земјоделците и владите реагираат на различни начини: рано отворање на зимските резерви на храна, намалување на големината на стадата, барање алтернативна храна и, во некои случаи, олабавување на правилата за земјоделство.
A владите и земјоделските организации низ ЕУ бараат формирање на посилна сигурносна мрежа во рамките на европскиот блок за справување со последиците од сушата и слични временски непогоди.

Франција ги нам алува резервите на храна,Шпанија се соочува со зголемени трошоци

Во Франција, зелено ориентираниот синдикат на земјоделците, конфедерацијата „Пејсан“, предупреди на загуби на резервите од сточна храна од 30 отсто до 60 отсто, во зависност од регионот. Синдикатот соопшти дека ограничениот пристап до пасиштата, особено во регионите погодени од пожари или региони со ризик, го отежнува пристапот до храна.
Како резултат на тоа, земјоделците користат складирана храна што обично е резервирана за есен и зима, изјави за „Еурактив“ Јохан Барбе, претседател на федерацијата на млечни земјоделци ФНПЛ.
– Ако ситуацијата продолжи, ризикуваме да останеме без храна – рече тој, додавајќи дека земјоделците сега чекаат жетва на шеќерна репка, кога пулпата од репка може да се користи како храна.
Недостигот од пасишта, исто така, влијае на производството. Со оглед на тоа што голем дел од летното производство на млеко во Франција зависи од пасењето, исушените тревни површини придонесоа за пад од три до четири во производството на млеко, според Барбе.
Одгледувачите на говеда, кои очекуваат недостиг од храна, ги намалуваат своите стада и испраќаат повеќе животни на колење. Дополнителната понуда придонесува за пад на цените на месото што веќе започна пред летото.
Во Шпанија, земјоделците се соочуваат и со посуви пасишта и зголемени трошоци за добиточна храна.
– Во мај, веќе видовме температури од 32 до 35 Целзиусови степени – истакна Хуан Луис Делгадо од земјоделскиот синдикат АСАЈА. Иако зимските врнежи од дожд беа релативно добри, раната топлина предизвика сушење на пасиштата и намалена достапност на вода.
Делгадо, исто така, посочи на слабите жетви на житни култури и слама во Шпанија и на други места, што ги зголемило трошоците за добиточна храна. Тој рече дека ограничувањата за извоз поврзани со болести кај животните вршат дополнителен притисок врз цените.
– Поминавме добра година благодарение на отворените пазари. Речиси за прв пат беше профитабилно – рече тој.

Подготовката за идни случаи на суша означена како приоритет

Додека сушата ја зафаќа Европа, земјоделските групи, наспроти ризиците од снабдувањето со храна и зголемените загуби на земјоделските култури, повикуваат и на долгорочни инвестиции во акумулации, наводнување, управување со водите и климатски паметни технологии за да му се помогне на земјоделството да се приспособи на слични предизвици во иднина.
Во германската покраина Баварија, локалните властите ги олабавија прописите за органските фарми, дозволувајќи им на сточарите да купуваат конвенционална храна поради „катастрофални“ околности, што е можност предвидена во законот на ЕУ.
Република Ирска го разгледува проблемот пред да одлучи дали е потребна понатамошна акција. Со оглед на тоа што расте загриженоста околу зимските резерви на храна, владата побара од земјоделците да ги пресметаат своите потреби. Министерот за земјоделство Мартин Хејдон во средата изјави дека сите следни чекори ќе зависат од наодите од истражувањето подоцна овој месец.
За бриселскиот аналитички центар „Фарм Јуроп“, приоритет е спроведување подготовка за повторување на сушите и тешките лета.
– Ни треба и план за вонредни состојби и инвестициски план за да се спречи заостанувањето на европското земјоделство и да се зајакне неговата отпорност – изјави генералниот секретар Лук Вернет за „Еурактив“. Е.Р.


И земјоделските култури се на удар

Сушата што го погодува поголемиот дел од Европа летово зема голем данок врз земјоделските култури низ целиот континент. Дури и кога земјоделците се обидуваат да се приспособат, екстремните временски услови ги погодуваат нивните земјоделски култури и резерви на вода.
Холандската банка Триодос, која се фокусира на одржливост, објави анализа во која се проценува дека топлотните бранови и сушата би можеле да го намалат бруто-домашниот производ низ Европската Унија за еден отсто за 2026 година или за околу 180 милијарди евра. Земјоделците се меѓу најтешко погодените, а нивните земјоделски култури ќе бидат лошо погодени од високите температури и од недостигот вода. Во големи делови од Холандија, на земјоделците повеќе не им е дозволено да користат вода од потоците и одводните канали за наводнување на полињата и овоштарниците.
Во Романија, некои култури отпорни на топлина и суша, како што се сончогледите, се помалку погодени од екстремните услови, а приносите се обилни. Но сушата доведе до рекордно ниски нивоа на водата во реката Дунав, што го нарушува транспортот на жито, предизвикувајќи хронично заглавени терминали и зголемено натрупување на културите без извоз. Е.Р.