Повод: Преписките на Судскиот совет и Здружението на судиите од една страна и Уставниот суд од друга страна, во врска со решението П4-240/22 од 4 мај 2026 година
- Кога некој се дрзнува да игнорира една одлука на Уставниот суд, тогаш проблемот веќе не е судски, туку проблемот е во функционалноста на државата и институциите. Кога се истакнува принципот на „независност на судиите“, никако не се мисли на независност на судството и правосудството, туку се мисли на „независност при спроведување на Уставот и законите!“ А тоа е голема разлика!
- Факт е дека судиите се загрозени од внатрешни и надворешни притисоци и влијанија на политичките криминалци, кои токму „принципот на независност на судиите и судството“ го ставаат надвор од контекст на Уставот и законите. Судиите НЕ се независни, туку тие се обврзани да ги следат законите и Уставот, а не политикантските толкувања од влијателни центри на моќ! Судиите се бранители, а не нарушители на законот!
Во една правна држава нема повисока власт од Уставот. Нема судска независност над Уставот, нема закон што може да биде над Уставот, ниту, пак, постои институција што може да избира кои уставни обврски ќе ги почитува, а кои – не, или ќе наоѓа начини да ги релативизира Уставот и важечките закони… Токму затоа последниот случај во кој Уставниот суд утврди дека не била извршена негова одлука не треба да се чита како обична судска препирка меѓу институции. Тој треба да се чита како сериозен тест за тоа дали државава навистина функционира како уставна и правна држава. Суштината е едноставна, а некој се обидува да ја направи исклучително тешка. Но ако одлуката на Уставниот суд може да биде игнорирана од орган на судската власт, тогаш се доведува во прашање самата архитектура на владеењето на правото, принципот на независноста на судството се вади надвор од контекст од изворниот принцип од која секоја друга независност е изведенка, а тоа е принципот на НЕЗАВИСНОСТ при почитување и спроведување на Уставот и законите што се во согласност со него.
Уставниот суд не е „уште една судска инстанца“
Често во јавноста се создава погрешна претстава дека Уставниот суд е само уште едно „повисоко скалило“ во судската хиерархија. Уставниот суд не е тоа! Уставниот суд има посебна уставна функција – да ги штити уставноста и законитоста и, во рамките на своите надлежности, да ги штити основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Неговата улога е да го чува Уставот како највисок правно-политички акт и да обезбеди сите носители на јавна власт – законодавната, извршната и судската – да дејствуваат во неговите граници. Затоа, кога Уставниот суд ќе донесе одлука, прашањето не е дали некој орган „се согласува“ со неа. Одлуката НЕ е препорака. Не е мислење. Не е политички став. Не е правна сугестија што може да се прифати или одбие. Таа е одлука на институцијата чија уставна функција е токму да утврди што е во согласност со Уставот. Уставниот суд не е декорација на државата, тој е последна брана на Уставот, на уставноста и законитоста.
Конечноста и извршноста не се украсни зборови, туку тоа се правни својства (правни
дејства) на одлуките на Уставниот суд
Уставот во членот 112 став 3 недвосмислено определува: „Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни“. Тоа се суштински правни својства, а не протоколарна формула. Конечноста значи дека против одлуката на Уставниот суд не постои редовен правен лек, односно не постои повисок орган/суд пред кој таа би можела да се обжалува, односно Уставниот суд е крајната инстанца за прашањето за кое одлучил. Затоа не се зборува за „жалба до повисок суд“ против одлуката на Уставниот суд. А извршност значи дека одлуката не е само декларативна туку создава обврска да се спроведе она што е определено со неа. Актуелниот акт на Уставниот суд во членот 81 дополнително прецизира дека одлуките се „конечни и извршни и правно обврзувачки за сите правни субјекти“!
Во таков контекст во споменатиот случај, актот на Уставниот суд утврдува дека одлуките со кои е утврдена повреда на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот ги извршува органот или субјектот што го донел поединечниот акт, односно го презел дејствието што судот го забранил. И тука нема простор за институционална релативизација. Ако Уставниот суд утврдил повреда на уставно загарантирано право и наложил правно дејство, тогаш извршувањето не може да зависи од волјата на органот на кој му е наложено. Уставната одлука не станува условна затоа што некому не му одговара нејзиното правно дејство.
Случајот со новинарката е повеќе од индивидуален спор
Во конкретниот случај станува збор за заштита на правото на јавно изразување на мислата на новинарка што, во рамките на својата професионална задача во Собранието на 27 април 2017 година, заедно со други новинари била изложена на закани и заплашувања и била спречена да ја извршува својата професионална задача. Уставниот суд во 2025 година утврдил повреда на слободата на јавно изразување на мислата, сторена со пресуди на граѓанските судови. Но приказната тука не завршува. Напротив, тогаш започнува суштинскиот институционален тест: дали органот на судската власт ќе ја спроведе одлуката на органот чија уставна задача е да ја штити уставноста? Според утврденото од Уставниот суд, одлуката не била испочитувана од Основниот граѓански суд во Скопје. Токму затоа Уставниот суд го активирал механизмот предвиден во својот акт – да констатира дека неговата одлука не е извршена и за тоа да ги извести надлежното јавно обвинителство и Судскиот совет. Тоа е далеку од „мешање во судската власт“ или „упад во независноста на судиите“. А Судскиот совет и за ова има одговорност. И Министерството за правда, исто така! Затоа што во фундаментот на нивната функција е да се штитат законите и Уставот и процедурите врзани за тоа. Зошто Судскиот совет инстантно не се активира да утврди дали во конкретниот случај станувало збор за „различно правно мислење или за свесно занемарување на конечна и извршна одлука, односно самиот да утврди дали имало пропуст, небрежност или умисла (намера)? А доколку има нешто од ова, тогаш постои и – одговорност! Не може секогаш кога ќе се постави прашањето за одговорност на судија да се одговара со „судиска независност“!? Прво, судиската независност значи – независност на извршување на својата работа во рамките на Уставот и законите и второ, принципот на независност без принципот на одговорност не води кон доверба во судството. Затоа, споменатата институција Судски совет не постои само за да ја брани „независноста“ туку и да се занимава со одговорноста на судиите! Државните институции се обврзани да ги следат и да ги почитуваат не само Уставниот суд и неговите акти туку утврдените правни норми со Уставот, законите и со подзаконските акти. Само тогаш може да имаме правна држава и владеење на правото.
Судската независност не е лиценца за непочитување на Уставот, туку тоа е обврска за спроведување на Уставот и законите
Судската независност или независноста на судиите веројатно е најважната точка за овој новинарски осврт. Судската независност е фундаментална вредност на демократската и правната држава. Судијата мора да биде независен од политички притисоци, од извршната власт, од партиите, од јавниот притисок и од секој друг недозволен центар на моќ. Но независноста има свои рамки. Тие рамки се Уставот. И законите. Независен судија не е судија што може да одлучува надвор од Уставот. Независен судија е судија што слободно и непристрасно одлучува – но во рамките на Уставот, не излегувајќи од него, од законите и ратификуваните меѓународни договори. Не смее да има арбитрарно толкување и арбитрарно постапување од страна на судија, односно произволно или неоправдано толкување на правната норма, односно судијата да ѝ даде значење што не произлегува разумно од законот и фактите. Ако под изговор на независност се создаде право на игнорирање на одлуките на Уставниот суд, тогаш од принципот на судска независност се прави нешто што тој никогаш не требало да биде – штит од одговорност за неисполнување уставна обврска. Тоа не е независност. Тоа е институционална самоволност. Всушност, политичките криминалци со извртување на принципот на независноста и либерално толкување на истиот тој во јавноста флагрантно го нарушуваат Уставот и перфидно со умисла предизвикуваат дисфункционалност на судскиот систем со ставање на судиите над законите, над процедурите и над Уставот, недопирливи и без никаква одговорност. Така што и едното и второто, и за поведението на поединците од политичките центри на моќ, како и за судиите, доколку во законска процедура се утврди такво противправно поведение, треба да има неселективен приод при казнувањето, затоа што го уриваат уставниот поредок од позиција на носители на висока судска и политичка, можеби некои и од позиција на носители на јавна и државна власт, од каде што прават несогледлива штета на системот, кој исклучително тешко потоа закрепнува. Затоа, независноста на избраните носители на судската власт не се независни, самостојни слободни стрелци, ниту нечии марионети, туку независноста значи дека тие се длабоко обврзани да ги бранат Уставот и законите. И да носат одговорност за тоа! Тие треба да бидат бранителите, а не нарушителите на законите. П.Р.
Законската празнина не може да биде над Уставот!
- Доколку постои законска празнина, недореченост или несовршеност, решението не може да биде игнорирање на Уставот. Напротив. Законот се толкува во светлина на Уставот, а не Уставот во светлина на празнините на законот. Во правниот поредок постои јасна хиерархија. Уставот е највисок правен акт. Законите мора да бидат усогласени со него. А сите органи на државната власт имаат обврска да постапуваат во согласност со неговите норми и темелни определби
Во конкретниот случај што е актуелен деновиве, во врска со „заштитата на правото на јавно изразување на мислата на новинарка што, во рамките на својата професионална задача во Собранието на 27 април 2017 година, заедно со други новинари, била изложена на закани и заплашувања и била спречена да ја извршува својата професионална задача“, судијата на Основниот граѓански суд оценил дека Законот за парничната постапка не предвидува експлицитен основ одлуката на Уставниот суд да биде причина за повторување на постапката.
Токму тука се отвора суштинското прашање за правното толкување. Имено, доколку постои законска празнина, недореченост или несовршеност, решението не може да биде игнорирање на Уставот. Напротив. Законот се толкува во светлина на Уставот, а не Уставот во светлина на празнините на законот. Во правниот поредок постои јасна хиерархија. Уставот е највисок правен акт. Законите мора да бидат усогласени со него. А сите органи на државната власт имаат обврска да постапуваат во согласност со неговите норми и темелни определби. Оттука, недостигот од експлицитна процесна норма во еден закон не може автоматски да произведе овластување за игнорирање експлицитна уставна норма. Инаку, би дошле до апсурд, а тоа е една законска празнина да стане посилна од Уставот. Тоа не е владеење на правото.
Што останува од правната држава ако конечната одлука не е конечна?
Одговор на ова прашање го побаравме од еден истакнат правник, универзитетски професор, сега во пензија, кој сиот свој работен век го поминал во истражувања од областа на Уставното право, Уставот и законитоста, како и пренесување на знаењата од таа специфична област на студентите на УКИМ и во поранешната федерација, но и во Република Македонија, по нејзиното осамостојување како унитарна држава.
– Замислете држава во која Уставниот суд утврдува дека е повредено едно од основните права на граѓанинот. Потоа друг државен орган ќе каже дека не гледа процесен механизам да ја спроведе таа одлука. Што тогаш? Каде е конечноста? Каде е извршноста? Каде е задолжителноста? И, конечно – каде е правната сигурност на граѓанинот? Ако граѓанинот по долга судска постапка стигне до Уставниот суд, а потоа неговата победа остане без реално правно дејство затоа што друг орган одлучил дека нема соодветна процесна норма, тогаш уставната заштита станува само декларативна. А уставното право без ефикасен механизам за негово спроведување е само „право на хартија“ – вели нашиот соговорник, професор по Уставно право. П.Р.
Кому му пречи кога Уставниот суд реагира навреме со одлуки за противуставност и незаконитост?
Уставниот суд мора да реагира токму кога другите институции ќе потфрлат
Реакцијата на Уставниот суд не треба да се третира како „упад“ во судската власт. Таа треба да се разбере како активирање на уставниот корективен механизам во моментот кога се појавува сомнеж дека неговата конечна и извршна одлука не е спроведена. Актот му овозможува на судот, врз основа на претходно добиени податоци и известувања, да донесе посебно решение со кое ќе утврди дека неговата одлука не е извршена и да го извести надлежното јавно обвинителство, како и органот што го именувал или избрал раководителот на органот или телото што не ја извршило одлуката.
И уште поважно. Актот предвидува дека одлуките на судот се извршуваат без никакво одлагање. Тоа е логиката на уставниот поредок. Не затоа што Уставниот суд е „над“ судовите во класична инстанциска смисла, туку затоа што Уставот е над сите нив. И други државни институции се должни да реагираат и да го следат Уставниот суд. Се разбира, во соодветно предвидени процедури и на начин предвиден со закон. Од ова никако не треба да се изземе ниту Судскиот совет, ниту пак Министерството за правда. Тие мора да реагираат и да инсистираат на спроведување на законските прописи од страна на судиите, но и другите правораздаватели.
Жалбата не го брише фактот дека одлуката мора да се почитува
Аргументот дека решението не било правосилно и дека против него била изјавена жалба, сам по себе не може да го поништи фактот што Уставниот суд утврдил неисполнување на својата одлука. Едно е прашањето на правосилноста на конкретно решение во редовната судска постапка. Сосема друго е прашањето дали претходната одлука на Уставниот суд, која Уставот ја определува како конечна и извршна, е спроведена. Тие две правни ситуации не смеат да се мешаат. Во спротивно, секое постапување за извршување уставна одлука би можело да се одложува со нови процесни дејства, жалби и толкувања, а токму тоа би го испразнило од содржина уставното правило за извршноста. Ова не е конфликт меѓу институции. Ова е тест на институциите.
– Најлесно е целата работа да се претвори во институционален конфликт. Уставниот суд против Судскиот совет, Уставниот суд против судиите, едни судии против други судии. Но тоа би било промашување на суштината. Не е прашањето кој со кого е во несогласност и да се бараат основи за меѓусебно докажување. Вистинскиот предизвик е прашањето кој го брани Уставот кога државен орган ќе отстапи од него – легитимно го поставува прашањето во јавноста нашиот соговорник, професор по Уставно право.
Тој нагласува дека Уставниот суд мора да интервенира кога ќе се појави спротивност со уставниот поредок во рамките на неговата надлежност.
– Токму тука се гледа зрелоста на правната држава. Законодавната власт мора да ги носи законите во согласност со Уставот. Извршната власт мора да ги спроведува законите и Уставот. Судската власт мора да суди врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори. А Уставниот суд мора да интервенира кога ќе се појави спротивност со уставниот поредок во рамките на неговата надлежност. Тоа не е нарушување на поделбата на власта. Тоа е токму нејзино функционирање – објаснува професорот едноставно за пошироката читателска публика. П.Р.
Уставниот систем мора да содржи механизми на меѓусебна контрола и корекција
Поделбата на власта не значи поделба на Уставот
Поделбата на власта никогаш не значела дека секоја власт има свој устав. Постои еден Устав. И сите три власти се под него. Токму затоа уставниот систем мора да содржи механизми на меѓусебна контрола и корекција. Без нив, поделбата на власта лесно може да се претвори во поделба на државата на три затворени институционални света, во кои секој го брани сопствениот авторитет наместо правниот поредок. А најголема жртва во таков систем секогаш е -граѓанинот.
Најопасно е кога независноста станува алиби
– Во Македонија веќе предолго слушаме дека судството мора да биде независно. Точно. Но исто толку гласно мора да се каже и следново: независност без одговорност не е независност. Самостојност без уставна контрола не е владеење на правото. Судска слобода без обврска за почитување на Уставот не е правна држава. А независноста на судството и на судиите значи независност во извршување на својата функција со децидно почитување на законите, а не независност како арбитрарност во судењето и пресудувањето. Секако, судијата мора да биде заштитен од политичка власт за да може независно да суди. Но граѓанинот мора да биде заштитен и од секоја можност судската независност да биде претворена во механизам со кој институцијата станува недопирлива. Затоа постојат механизмите на одговорност. Не за да се казнува судија затоа што донел непопуларна одлука, туку за да постои институционален одговор кога постои основано утврдување дека не е исполнета обврска што произлегува од Уставот и правниот поредок – вели професорот по Уставно право.
Кога Уставот се брани навреме, државата е посилна!
– Овој пат исклучително, па дури историски е значајно што Уставниот суд не чекал механизмите да се развлекуваат во недоглед. Ако неговата одлука не е извршена, тогаш реакцијата мора да биде навремена. Не по неколку години. Не откако случајот ќе стане застарен. Не откако институционалната одговорност ќе се изгуби во лавиринтот на постапките. Туку тогаш кога е утврдено дека постои проблем. Правната држава не се брани само со добри норми. Таа се брани со навремено и доследно спроведување на тие норми – нагласува професорот како порака и до поединците и институциите што во јавноста реагираа бранејќи ја либералната позиција за „независност“ на судиите, која директно ги еродира уставноста и законитоста на кој било правно-политички систем. П.Р.
Од редакциски агол
Уставниот суд мора да биде силен кога Уставот е загрозен
Силен Уставен суд не е закана за демократската држава. Напротив. Тој е една од нејзините најважни гаранции. Слаб Уставен суд значи дека уставните права лесно можат да останат само декларативни. Слаб механизам за извршување на неговите одлуки значи дека граѓанинот може да ја добие највисоката правна заштита, а сепак да остане без реална правда. А држава во која одлуката на највисокиот уставен чувар може да се игнорира не е држава со силно владеење на правото. Таа е држава во која правото зависи од волјата на институцијата и волјата на некој опскурен политички центар на моќ што налага како треба да се спроведе „правдата“.
Последната линија на одбраната е – Уставот
Овој случај треба да биде многу повеќе од спор за еден предмет и една новинарка. Тој треба да биде момент на институционално преиспитување. До каде оди судската независност? Каде завршува дискрецијата на судијата? Што значи конечноста на одлуката на Уставниот суд? Што значи нејзината извршност? И, пред сè, дали сите државни органи навистина разбираат дека нивната моќ не потекнува од нив самите, туку е ограничена, зависна и определена со Уставот?
Одговорот мора да биде недвосмислен. Ниту еден суд, ниту една влада, ниту едно министерство, ниту едно собрание, ниту еден функционер, ниту еден судија не е над Уставот. И кога некој ќе се обиде да ја постави својата институционална автономија над уставната обврска, тогаш Уставниот суд не само што има право да реагира туку има и должност и обврска да реагира. Промптно. Одлучно. Без страв од институционалниот шум што ќе следува.
Затоа што владеењето на правото не се мери според тоа колку убаво се пишува Уставот, туку според тоа дали државата го почитува кога тоа станува непријатно за некоја моќна институција.
А конечноста, извршноста и задолжителноста на одлуките на Уставниот суд не се правна декорација. Тие се брана. И ако таа брана падне, не паѓа само авторитетот на еден суд. Паѓа довербата дека Уставот навистина е највисокиот закон во државата. Токму затоа овој случај мора да биде сфатен сериозно. Не како „упад“ во судството. Туку како порака дека во правната држава постои една граница преку која никој не смее да помине. Тоа е границата на Уставот, чиј граничар е Уставниот суд!
Р.Н.М.


































