Фото: Ка.М

На 14 и 15 август( петок и сабота) 2026 г., во Прилеп ќе се одржи првиот
фестивал „Итар Пејо“, на кој ќе има многу смеа и музика, ќе се одржи традицијата,
народната мисла и сатирата. По тој повод денеска во ЦК „Марко Цепенков“ се одржа
прес конференција на која организаторите, КУД „Мирче Ацев“ ја претставија богатата
дводневна програма на која ќе настапат фолклорни ансамбли од Македонија, Полска и
Словачка.

– Фестивалот „Итар Пејо“ е нова меѓународна културна приказна со која ќе се
слави традицијата што поврзува земји – посочи Горан Василески, претседател на КУД
„Мирче Ацев“.

Фестивалот се одржува под покровителство на Општина Прилеп и НУЦК
„Марко Цепенков“.

Градоначалникот Дејан Проданоски, ги покани сите љубители на фолклорот и
на традицијата да присуствуваат на фестивалските настани, со што градот продолжува
да ги поддржува културните настани, со цел збогатување на културната понуда во овој
август.

Директорката на ЦК „Марко Цепенков“ Марија Попова Јованоска, рече дека
институцијата е отворена за соработка, поканувајќи ги сите чинители кои имаат идеји,
заеднички да се преточат во настани, да стигнат до публиката, со цел да има побогат
културен живот.

Фестивалот започнува в петок од 19 часот кај споменикот Итар Пејо, кој ќе го
глуми актерот Игор Трпчески, а продолжува и в сабота дента со Детска работилница и
вечерта од 19 часот со настап на повеќето културно ументички друштва, меѓу кои од
Полска и Словачка и КУД „Мирче Ацев“ во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“.

– Гостувањето на групите од Полска и Словачка е можност прилепската
публика одблизу да ги запознае нивните култури, но и можноста младите играорци од
различни земји да се дружат, да разменуваат искуства и да создадат пријателства што
ги надминуваат границите – потенцира Василески.

Ка.М.