Etna vulkan
Фото: ЕПА

Ерупцијата на вулканот Етна предизвика сериозни проблеми во воздушниот сообраќај на Сицилија, а туристичкиот сектор на островот веќе бележи загуби од околу 24 милиони евра, според проценките на трговското здружение „Асоезерченти“ (Assoesercenti).

Аеродромот „Катанија-Фонтанароса“ останува затворен до 2 часот во петок поради насобраниот вулкански пепел. Од петокот до вторникот, 12 август, биле откажани околу 700 летови, додека повеќе од 400 биле пренасочени кон други аеродроми или реорганизирани.

Најголем дел од пренасочените летови ги презеле другите сицилијански аеродроми. Повеќе од 330 летови биле пренасочени кон Палермо, над 100 кон Комизо, а 22 кон Трапани. И аеродромот во Комизо бил привремено затворен околу 12 часа поради вулканскиот пепел.

Десетици илјади патници се погодени од нарушувањата во воздушниот сообраќај во екот на туристичката сезона. Дел од нив биле принудени да користат автобуски и железнички превоз за да го напуштат островот.

Засега нема проценка кога состојбата целосно би можела да се нормализира. Стефано Бранка, директор на Одделот за вулканологија при италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија (ИНГВ), вели дека не може да се предвиди колку долго ќе трае активноста на Етна.

Според него, системите за мониторинг овозможуваат навремено да се регистрира почетокот на вулканската активност, но не и точно да се предвиди нејзиниот крај.

Клучен фактор за воздушниот сообраќај е и насоката на ветрот. Облакот од вулкански пепел веќе се проширил до Малта и Северна Африка, а доколку воздушните струења продолжат да го носат кон југ и во правец на Катанија, прекините на летовите би можеле да продолжат.

Во меѓувреме, состојбата на аеродромот „Катанија-Фонтанароса“ делумно се стабилизира по хаосот во изминатите денови. Операторите соопштија дека соработуваат со властите, цивилната заштита и останатите аеродроми на Сицилија за да се обезбеди што е можно поголем капацитет и да им се помогне на патниците погодени од прекините.

Кризата повторно го актуелизираше прашањето за ранливоста на еден од клучните аеродроми во јужна Италија поради неговата близина до Етна, најактивниот вулкан во Европа.

Италијанскиот министер за цивилна заштита Нело Мусумечи оцени дека проблемот не е локацијата на вулканот, туку местоположбата на аеродромот. Тој повторно ја отвори идејата за разгледување нова локација за аеродромот, меѓу Катанија и Ена.

Од друга страна, опозицијата на Сицилија ги критикува регионалните власти за начинот на справување со кризата. Лидерот на сицилијанските социјалдемократи, Ентони Барбагало, оцени дека реакцијата на регионалната влада е „некомпетентна и недоволна“.