Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – СО ПОБЕДАТА НА ПАРИ СЕН ЖЕРМЕН

  • Уште еднаш ова е вистинска демонстрација на нашата ДНК и нашите навивачи, кои ни помогнаа да освоиме трофеј и да ги одржуваме високите стандарди, рече Луис Енрике, тренер на Пари сен Жермен, пренесе УЕФА

Актуелниот европски шампион Пари сен Жермен (Франција) го одбрани трофејот во Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА) со победата на дуелот со Астон вила (Англија), освојувачот на Лига Европа, со 2-1, во Салцбург (Австрија). Претходно два трофеја во низа во ова континентално натпреварување освоија само уште два клуба, и тоа Милан (во 1989 и во 1990 година) и Реал Мадрид (во 2016 и во 2017 година, натпревар одигран во Скопје).
– Знаевме дека ќе биде тежок меч. Но можевме да играме како што игравме бидејќи моите фудбалери покажаа од што се направени. Можеби не сме во најдобра физичка состојба, но уште еднаш ова е вистинска демонстрација на нашата ДНК и нашите навивачи, кои ни помогнаа да освоиме трофеј и да ги одржуваме високите стандарди – рече Луис Енрике, тренер на Пари сен Жермен, пренесе УЕФА.
Осми пат во низа актуелниот победник на Лигата на шампионите (ЛШ) го освои Суперкупот на Европската фудбалска унија. Претходно, од 2019 година, двапати славеше Реал Мадрид, а по еднаш победија Ливерпул, Баерн, Челси и Манчестер сити.

– Нашиот начин на размислување е секогаш да победуваме и да бидеме што е можно поконкурентни. Многу сме среќни. Враќајќи се од одмор, знаевме дека нема да биде лесно, но вечерва имавме сѐ на свое место. Главната цел е да освоиме сѐ сезонава – рече за УЕФА Дезире Дуе, кој беше прогласен за играч на натпреварот.
Суперкупот на УЕФА се игра од 1973 година (ваков дуел не се одржа трипати, во 1974, 1981 и во 1985 година). До 1997 година на програмата беа по две средби, на терените на учесниците, а од 1998 година се игра еден натпревар, на неутрален терен. До 1999 година тоа беа дуели помеѓу европскиот првак и победникот на некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК), кој престана да се игра таа година и се спои со некогашниот Куп на УЕФА (сега Лига Европа). Од 2000 година во Суперкупот игра победникот на Лига Европа.
Во досегашното 51 издание на ова натпреварување европскиот фудбалски шампион победил 31 пат, во 12 дуели славел победникот на КПК, а осум пати триумфирал освојувачот на Лига Европа (ЛЕ). Н.М.


ПОБЕДИ ВО СУПЕРКУПОТ

Реал Мадрид 6
Милан 5
Барселона 5
Ливерпул 4
Атлетико Мадрид 3
Андерлехт 2
Ајакс 2
Јувентус 2
Валенсија 2
Баерн 2
Челси 2
Пари сен Жермен 2
Динамо Киев 1
Нотингем форест 1
Астон Вила 1
Абердин 1
Стеауа 1
Порто 1
Мехелен 1
Манчестер јунајтед 1
Парма 1
Лацио 1
Галатасарај 1
Севилја 1
Зенит 1
Манчестер сити 1