БАЛКАНОТ МЕЃУ СТАТИСТИКАТА И РЕАЛНОСТА НА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ
- Мотивирани од компаративната анализа за стапката на невработеност во светот, поточно за групата држави Г20, побаравме и компаративна анализа на невработеноста во регионот. Економските аналитичари и во овој случај ни обрнаа внимание дека „бројките не ја раскажуваат целата приказна“.
Имено, тогаш, каде се наоѓа Балканот на ова поле? Иако не е дел од Г20, регионот се соочува со специфични проблеми, како што се одлив на работна сила, стареење на населението, зависност од странски инвестиции итн. Но дали ова можеби го создава привид на намалена невработеност, можеби поради иселување или други фактори што влијаат на реалните показатели за економски раст?
Балканот веќе не е синоним за двоцифрена невработеност како во годините по транзицијата. Во последната деценија речиси сите земји од регионот бележат пад на стапките, што на хартија изгледа како економски напредок.
Но, според нашите соговорници, професори по економија и економски аналитичари и експерти, зад овие трендови веројатно стои комплексна реалност.
– Намалувањето на невработеноста не секогаш значи дека има повеќе работа, некогаш значи и дека има помалку луѓе. Емиграцијата, стареењето на населението и ширењето на неформалната економија се трите клучни фактори што ја „разубавуваат“ статистиката – напоменуваат за почеток на брифингот нашите соговорници.
КОЈ Е НАЈДОБАР ВО РЕГИОНОТ: БРОЈКИТЕ КАЖУВААТ ЕДНО, РЕАЛНОСТА ДРУГО?!
– Ако се гледаат официјалните податоци, сликата изгледа вака: Словенија има четири–пет отсто, Хрватска пет–шест отсто; Србија девет-десет отсто, Црна Гора 12–13 отсто; Босна и Херцеговина 13-15 отсто, Македонија 12–13 отсто, Албанија 10–11 отсто, а Косово над 20 отсто. На прв поглед, разликите се значајни, но не драматични – велат нашите соговорници.
Сепак, оваа табела не ја покажува суштинската разлика, а тоа е квалитетот на работните места. Словенија и Хрватска имаат стабилни пазари на трудот, со повисоки плати и посигурни работни односи.
– Во преостанатиот дел од регионот, работата често значи несигурност, ниски приходи и ограничени права… – навлегуваат во темата професорите по економија.
МАКЕДОНИЈА: ПАД НА НЕВРАБОТЕНОСТА!
Во Македонија, факт е дека стапката на невработеност значително се намали. Од над 25 проценти, денес се движи околу 12 проценти. Но, освен на отворањето работни места, дел од намалувањето на стапката на невработеност се должи на доскорашното масовно иселување на млади и квалификувани кадри, на растот на нископлатени работни места, но и на државните субвенции за вработување, експанзијата на странски инвестициски зони… Резултатот е навистина формално повеќе вработени, но реално сè уште не е докрај стабилизиран пазарот на трудот. Новата влада има низа мерки што водат кон стабилизација на пазарот на трудот, но, според соговорниците, треба време за да се почувствуваат и позначајни ефекти.
СРБИЈА И АЛБАНИЈА: РАСТ СО НЕЕДНАКВОСТИ
Србија често се посочува како пример за економски напредок, со значително намалување на невработеноста во последните години. Сепак, критичарите предупредуваат дека многу работни места се во јавниот сектор или субвенционирани, платите остануваат ниски во споредба со ЕУ. Неформалната економија и понатаму е значајна.
Албанија, пак, бележи стабилизација, но со силна зависност од услуги, туризам и миграциски приливи (дознаки). Во двете земји клучен проблем останува истото, односно дека младите не гледаат перспектива и масовно емигрираат.
БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА И КОСОВО: СТРУКТУРНА КРИЗА БЕЗ БРЗО РЕШЕНИЕ
Во Босна и Херцеговина и во Косово невработеноста не е само економски проблем туку и системски. Овие економии се соочуваат со политичка нестабилност, фрагментирани институции, слаб приватен сектор, зависност од дознаки од дијаспората итн. Особено загрижува фактот што во Косово, младинската невработеност останува меѓу највисоките во Европа.
Тоа создава генерација што или заминува или никогаш не влегува на пазарот на трудот.
ХРВАТСКА И СЛОВЕНИЈА: ЕВРОПСКИОТ ПАТ КАКО ПРЕДНОСТ
Членството во Европската Унија им донесе на Хрватска и Словенија пристап до поширок пазар, фондови за развој и институционална стабилност. Но, и тие плаќаат цена, а тоа е масовно иселување кон побогатите земји од ЕУ. Иронично, дел од намалувањето на невработеноста се должи токму на тоа што работниците заминуваат, а не дека економијата создава доволно работни места.
НЕФОРМАЛНАТА ЕКОНОМИЈА: СИВАТА ЗОНА НА БАЛКАНОТ
Еден од најголемите проблеми во регионот е неформалната економија. Во некои земји таа опфаќа и до 30 отсто од вкупната економска активност. Тоа значи работници без договори и неплатени придонеси, тоа значи и нестабилни приходи, ограничена социјална заштита… Во тој контекст, „вработен“ не секогаш значи сигурен.
Младинската невработеност останува најболното прашање на Балканот. Во многу земји таа е двојно повисока од општата стапка. Изборот за младите често се сведува на нископлатена работа оддома, сезонска работа или билет во еден правец кон Западна Европа. Овој тренд создава долгорочен демографски и економски проблем што ќе се чувствува со децении.
КОМПАРАТИВНА СЛИКА: КОЈ НАПРЕДУВА, КОЈ СТАГНИРА?
Ако се направи поширока споредба, нашите соговорници издвојуваат неколку заклучоци. Прво, земјите поблиску до ЕУ (Словенија, Хрватска) имаат постабилни пазари. Земјите во транзиција (Србија, Македонија, Албанија) покажуваат напредок, но со послаб квалитет на работни места). Натаму, земјите со политички и институционални проблеми (БиХ, Косово) остануваат заглавени. Но за сите нив важи едно правило, а тоа е дека невработеноста паѓа, но не секогаш затоа што економијата расте.
– Балканот се наоѓа на крстопат. Доколку не се создадат поквалитетни работни места, подобро образование, посилни институции итн., регионoт ризикува да остане без својата најважна економска сила, човечките ресурси односно луѓето – велат соговорниците.
Компаративната анализа покажува дека Балканот напредува, но не доволно брзо, ниту доволно рамномерно. Невработеноста повеќе не е единствениот проблем. Сега во фокусот доаѓа нешто подлабоко, како што се квалитетот на работата, сигурноста и перспективата. Затоа што на крајот вистинското прашање не е дали луѓето работат, туку дали можат достоинствено да живеат од својата работа.
– Балканот можеби ја намалува невработеноста, но сè уште не ја решил неизвесноста, која во најголем дел ја генерира и Брисел, со својата неодлучност, немање визија и дефинитивно немање лидерство – истакнуваат на крајот нашите соговорници. Е.Р.































