Данска, Гренланд и САД се очекува утре во Њујорк да потпишат нов договор за безбедноста на Гренланд, со кој, според Копенхаген, поголем дел од одговорноста за безбедноста на Арктикот ќе ја споделуваат членките на НАТО, објави Ројтерс.
Предвидено е договорот да биде потпишан за време на Генералното собрание на Обединетите нации. Неговиот текст сè уште не е објавен, па не е познато ниту дали ќе биде изменет постојниот договор за одбрана на Гренланд од 1951 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со новиот договор САД ќе добијат „трајна контрола врз безбедноста“ на Гренланд. Данска и Гренланд не го потврдија ваквото толкување, но нагласија дека договорот ќе го почитува суверенитетот на островот и ќе биде во интерес на неговото население.
– Договорот ќе биде конципиран така што одговорноста за безбедноста на Арктикот нема да биде само данска или американска. За безбедноста на Арктикот во голема мера ќе се грижи НАТО – изјави шефот на данската дипломатија Ларс Леке Расмусен.
Од НАТО го поздравија договорот, оценувајќи дека тој ќе придонесе за поголема безбедност и соработка во арктичкиот регион.
Договорот следува по повеќемесечниот притисок од Трамп, кој бараше САД да воспостават контрола врз Гренланд, при што претходно не ја исклучуваше ниту можноста за употреба на воена или економска сила.
Неговите изјави на почетокот на годината предизвикаа дипломатска криза меѓу сојузниците во НАТО и ги поттикнаа Данска и Гренланд да почнат разговори со Вашингтон за зајакнување на безбедноста и намалување на тензиите.
Гренланд е автономна територија во рамките на Кралството Данска. САД веќе имаат воено присуство на островот преку вселенската база Питуфик, врз основа на договорот од 1951 година.































