Фото: МИА

Македонскиот рубин ќе добие сертификат со кој ќе се потврдуваат неговото потекло, квалитетот и посебните својства, како и кјуар-код (QR-код) преку кој купувачите ќе можат да пристапат до сите податоци содржани во сертификатот. Првиот код се очекува да биде изработен до крајот на октомври, соопшти денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

На прес-конференцијата, на која беа претставени активностите за заштита и промоција на овој камен, Божиновска нагласи дека името „македонски рубин“ ќе може да се користи само доколку се исполнети утврдените услови.

Фото: МИА

Тоа подразбира потврдено потекло, соодветна документација, извршена стручна контрола и исполнување на критериумите утврдени со елаборатот, правилникот и законската рамка.

– Македонскиот рубин е дел од нашето природно наследство. Има свое потекло, специфични својства и своја приказна. Наша обврска е таа природна вредност да ја претвориме во препознатлив и заштитен македонски производ, зад кој ќе стојат јасни правила, проверен квалитет и доверба – рече Божиновска.

Според неа, целта е македонскиот рубин да биде препознатлив и ценет најнапред во Македонија, а потоа и во регионот и на меѓународниот пазар.

– Сакаме името да биде поврзано со земјата од која потекнува, а специфичните својства да бидат препознаени и заштитени. Секој производ што ќе го носи ова име треба да ја пренесува приказната за македонската природа, геологија, традиција и уметност – истакна министерката.

Со воспоставувањето јасни стандарди, македонскиот рубин, како што рече, добива можност да прерасне во препознатлив национален бренд и да создаде нови економски можности за занаетчиите, дизајнерите, обработувачите, трговците и локалните заедници.

Системот треба прецизно да утврди што може да се означува и да се продава како македонски рубин, кој може да го вади, обработува и пласира материјалот и под кои услови може да се користи заштитениот назив.

Предвидени се и евиденција на материјалот и следење на неговото движење – од местото на потекло, преку обработката, до означувањето, продажбата и промоцијата.

– Нашата цел е да се заштитат производителите, обработувачите и занаетчиите што ги почитуваат правилата, но пред сè да се заштити купувачот. Кога граѓаните, туристите или странските купувачи ќе го видат македонскиот рубин, треба да бидат сигурни дека зад тоа име стојат автентично потекло, проверен квалитет и институционална гаранција – рече Божиновска.

Иницијативата за институционална и правна заштита на македонскиот рубин како географска ознака беше поведена во 2025 година од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во координација со Геолошкиот завод.

Геолошкиот завод изработи елаборат во кој се утврдени потеклото, специфичните карактеристики и другите релевантни својства на македонскиот рубин. Врз основа на документацијата, во мај годинава беше поднесена пријава до Државниот завод за индустриска сопственост.

Фото: МИА

На 17 јуни Заводот донесе решение со кое географскиот назив „македонски рубин“ доби правна заштита.

– Со ова решение името македонски рубин доби правен идентитет и основа за институционална заштита. Истовремено, се отвора нова и уште поважна фаза – практично спроведување на заштитата – нагласи Божиновска.

Паралелно се преземаат активности и за меѓународна афирмација. Инициран е процес за пристапување на Македонија кон Женевскиот акт на Лисабонскиот договор, со што би се создала можност географската ознака „македонски рубин“ во иднина да биде пријавена и за меѓународна заштита преку Лисабонскиот систем.

Државниот завод за индустриска сопственост ја доставил иницијативата до Владата. По нејзиното одобрување треба да следуваат постапки за формално пристапување и ратификација, а потоа и натамошни чекори за меѓународна заштита на географската ознака.

Во тек е и подготовката на новиот закон за рударство, во кој треба да се уредат прашањата поврзани со практичната примена на заштитата. Целта е да се воспостави правна основа за пријавување, евидентирање и следење на корундовиот материјал, како и механизми за спречување неправилно, недокументирано или неовластено користење на заштитениот назив.

По завршувањето на потребните процедури ќе почне деталното информирање на занаетчиите, обработувачите, производителите, трговците и другите потенцијални овластени корисници.

Ќе биде воспоставен и јавен регистар на физичките и правните лица што, во согласност со законските услови, се занимаваат со вадење, обработка, промет или продажба на македонскиот рубин.

– Одиме чекор по чекор: од геолошко богатство кон заштитено име, од заштитено име кон сертифициран производ, од сертифициран производ кон препознатлив национален бренд и од национален бренд кон нова економска вредност за Македонија – порача Божиновска.

На прес-конференцијата присуствуваа членовите на новоформираната Комисија за македонскиот рубин, како и претставници на Геолошкиот завод, Државниот завод за индустриска сопственост, Министерството и на другите институции вклучени во процесот.

Фото: МИА
Фото: МИА
Фото: МИА