Македонскиот културен центар во Истанбул на 23 септември 2026 година, со почеток во 19:00 часот, ќе биде домаќин на концертната вечер „Патување низ звуците“, на која ќе настапат сопранот Дајана Малолари Пајазити, виолинистот Шкелзен Пајазити и пијанистката Едита Руси.
Концертната програма е осмислена како музичко патување низ различни епохи, стилови и музички традиции. На програмата се дела од Тодор Скаловски, Антонин Дворжак, Винченцо ди Кјара, Франц Лехар, Јохан Себастијан Бах, Родолфо Фалво и Дмитриј Шостакович.
Шкелзен Пајазити, роден во Тетово, е виолинист и музички педагог. Дипломирал на Државниот универзитет во Тетово во класата на проф. Сихана Бадивуку Хоџа, а денес работи како професор по виолина во Државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Тетово и во Општинското музичко училиште во Гостивар. Настапувал на бројни солистички и камерни концерти во земјата и странство и е добитник на повеќе национални и меѓународни награди. Од 2015 година го раководи и Меѓународниот музички фестивал „Меридијани“.
Сопранот Дајана Малолари Пајазити, родена во Тирана, дипломските и магистерските студии ги завршила со највисок успех на Универзитетот за уметности во Тирана, на насоките соло пеење и музичка педагогија. Се усовршувала на семинари со истакнати уметници и педагози, меѓу кои Ермонела Јахо, Инва Мула, Енцо Теј и други. Денес е професорка по соло пеење во ДМУ „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Тетово и на Факултетот за уметности при Универзитетот во Тетово, а зад себе има бројни настапи и награди од меѓународни фестивали и натпревари.
Пијанистката Едита Руси, родена во Скопје, дипломирала и магистрирала на Факултетот за музички уметности во Скопје во класата на м-р Симон Трпчески. Добитничка е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари и има богато искуство како камерна музичарка, со настапи на фестивалите „Скопско лето“, „Златна лира“ и „Денови на македонската музика“. Од 2009 година работи како наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.
Настанот е отворен за сите љубители на класичната музика и претставува уште една можност македонската култура и уметност да бидат претставени пред истанбулската публика во непосредна и камерна концертна атмосфера.
Концертот ќе се одржи во просториите на Македонскиот културен центар во Истанбул, на адреса Mete Cadde No. 6, Seyran Apartmanı, Kat 1, Taksim / İstanbul.