Ниту политичката ниту правната логика од 2001 година не е идентична со оваа од 2026 година
Повод: Еден месец Собранието е заглавено во политичка и процедурална блокада околу Законот за правична и соодветна застапеност, заедно со три закони од областа на високото образование. Но блокадата не завршува тука. Албанската опозиција најавува опструкција и уште на шест законски решенија – Законот за правата на заедниците што се помалку од 20 отсто од населението, Законот за Инспекторатот за употреба на јазиците, Законот за заштита на културното наследство, Законот за основање на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Законот за просветна инспекција и Законот за филмската дејност.
Зад оваа конкретна парламентарна пресметка, меѓутоа, се отвора многу посериозно прашање за тоа што се случува кога механизмот создаден пред четврт век како гаранција за меѓуетничка доверба ќе се претвори во средство за политичко условување и блокирање на институциите. Бадентеровото мнозинство беше производ на едно друго време – на Македонија излезена од оружениот конфликт во 2001 година, на држава во која стравот од нова меѓуетничка конфронтација беше реален, а потребата од институционални гаранции за заедниците беше неспорна.
Но Македонија денес, 25 години подоцна, е друга држава. Членството во НАТО, евроинтегративниот процес, променетите општествени односи и генерацијата граѓани што не ја живеат непосредната траума од конфликтот го поставуваат неизбежното прашање дали постконфликтните механизми треба да останат непроменети, без оглед на тоа како се користат. Она што некогаш беше замислено како брана од мајоризација, денес ризикува да стане алатка за малцинско вето – не само врз одлуки што непосредно ги засегаат етничките права туку и врз политики и закони што се однесуваат на функционирањето на целото општество.
Оттука, суштинската дилема повеќе не е само кој кого блокира во Собранието. Дилемата е дали четврт век по Охридскиот рамковен договор има политичка зрелост да се преиспитаат инструментите создадени во постконфликтни услови и да се најде балансот меѓу реалните права на малцинските заедници, потоа нечии мегаломански апетити за права на една од заедниците, а сето тоа во контекст на функционалноста на државата. Зашто механизмот што бил создаден за да спречи институционална мајоризација не смее, со текот на времето, да се претвори во механизам со кој се институционализира нефункционалноста.
Ниту политичката ниту правната логика од 2001 година не е идентична со оваа од 2026 година
„Заштитниот механизам“ на Охридскиот рамковен договор станува кочница
- Дваесет и пет години по конфликтот станува неопходност да се престане во државата да се управуваат работи според логиката на 2001 година. Македонија е неопходно да има подготвен концепт за егзит-сценарио, за тоа како да излезе од „политичкиот Охрид“ што ги блокира реформите и демократскиот развој на државата
Има договори што ја спасуваат државата во момент кога државата е загрозена. Има и договори што, откако ќе ја завршат својата историска мисија, продолжуваат да живеат во институциите многу подолго од околностите во кои биле создадени.
Охридскиот рамковен договор е еден од најзначајните политички документи во современата историја на Македонија. Тој беше создаден во драматични услови, во 2001 година, кога државата се соочуваше со оружен конфликт и реална опасност од натамошна ескалација. Неговата суштина беше да го запре насилството, да ја зачува унитарноста на државата, да обезбеди права и политичко учество на заедниците и да ја врати земјата на патот кон демократскиот и евроатлантскиот развој.
Токму така е формулиран и самиот документ, имено како „рамка за обезбедување на иднината на демократијата, мирниот развој на граѓанското општество и интеграцијата на земјата во евроатлантската заедница“.
Меѓутоа, сѐ повеќе станува очигледно дека „политички Охрид“ станува тесна кожа за демократскиот, граѓанскиот и меритократско-системскиот развој на Македонија.
– Денес е 2026 година. Помина четврт век. И токму затоа е легитимно да се постави прашањето што долго време се избегнува. Дали механизмите создадени како одговор на една држава во постконфликтна состојба треба засекогаш да останат механизми на една зрела, НАТО-држава? Мојот одговор е: не. Не затоа што треба да се намалат правата на која било заедница. Не затоа што треба да се врати моделот на мајоризација. И не затоа што Охрид треба да се избрише од македонската политичка историја. Туку токму спротивното. Блокирањето закони од една политичка групација од чисто етноцентрични и неосновани причини ја вовлекува Македонија во спирала на демократско назадување и системска нефункционалност. И тоа со умисла на една група луѓе што вчера со предизвикување оружен конфликт ја вратија Македонија назад, а сега истото тоа го прават со застарени политички форми и облици од тоа дамнешно постконфликтно време и со иста цел и намера!? Ако навистина сме созреале како демократско општество, тогаш мора да имаме храброст да ги надминеме механизмите што беа неопходни кога демократската доверба беше доведена во состојба да биде најслаба – вели наш соговорник, дипломат од кариера и поранешен амбасадор.

Охрид беше договор на мирот, а не вечен устав на недовербата
Охридскиот договор не настана во нормални политички услови. Тој не беше резултат на спокојна уставна конференција, туку беше политичка формула за прекин на оружен конфликт. Во неговите основни принципи експлицитно се наведува дека употребата на насилство за политички цели се отфрла и дека само мирни политички решенија можат да обезбедат стабилна и демократска иднина.
– Но Охридскиот договор ги потврди сувереноста, територијалниот интегритет и унитарниот карактер на државата и го афирмираше мултиетничкиот карактер на општеството. Тоа е неговата историска големина. И токму затоа треба да се направи разлика меѓу историската функција на договорната институционализација на секој негов механизам. Еден мировен договор може да биде историски неопходен, а неговите институционални решенија да бараат преиспитување по 25 години. Тоа не е негирање на Охрид. Тоа е демократска зрелост – вели нашиот соговорник, дипломат и политичар со големо искуство. П.Р.
Бадентеровото мнозинство: од гаранција за доверба до инструмент на блокада
- Демократијата во својата зрела фаза треба да се движи кон компетентност наместо етнички клуч, одговорност наместо политичка припадност, резултати наместо распределба, знаење наместо квоти, еднаквост на индивидуата наместо постојано пребројување на заедниците. Тоа не значи дека етничката припадност станува ирелевантна. Напротив. Тоа значи дека државата станува доволно сигурна во своите демократски институции за етничката припадност да престане да биде главниот филтер преку кој се одредува политичката моќ
Најочигледниот пример е таканареченото Бадентерово односно двојно мнозинство. Уставниот модел предвидува дека за одредени прашања, меѓу кои културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, покрај мнозинството од присутните пратеници, мора да постои и мнозинство од присутните пратеници што им припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во населението.
Но правната логика во 2001 година тогаш беше јасна и во тие услови прифатлива – да се спречи мнозинството да може само со својата бројност да донесува одлуки што директно ги засегаат немнозинските заедници. Тоа било разумно решение во услови на создадена (со судирот) длабока меѓуетничка недоверба.
Но демократскиот проблем се појавува кога заштитниот механизам од мајоризација почнува да се претвора во механизам на политичко условување. Тогаш прашањето повеќе не е дали се штити една заедница. Прашањето е каде завршува заштитата на колективното право, а каде почнува правото на политичко вето.
Токму оваа разлика е суштинска. Се разбира дека заштитата на малцинствата е демократска вредност. Но трајната институционализација на механизмите на создавање политичка блокада – воопшто не е демократска вредност.
Демократијата не смее да се мери со етничката припадност на гласачот
Повеќето наши соговорници, универзитетски професори и политички аналитичари, со кои го отворивме ова прашање имаа одговор во кој направија суштинска паралела за промените настанати во македонското општество тогаш и сега.
– Најголемата промена што се случи во изминатите 25 години не е само во законите. Промената е во самото општество. Денес и Македонците, и Албанците, и Турците, и Србите, и Ромите, и Власите, и Бошњаците и сите други имаат сè повеќе исти, идентични животни интереси! Сите сакаат добра плата. Сакаат функционално здравство. Сакаат образование. Сакаат безбедност. Сакаат правосудство што работи. Сакаат држава без корупција. Сакаат професионална администрација. Сакаат политичари што одговараат за својата работа. Тоа се граѓански, а не етнички интереси. И тука се случува најважната трансформација на македонското општество. Во 2001 година главното прашање беше како да обезбедиме никој да не биде политички надгласан само затоа што е припадник на помала заедница. Во 2026 година предизвикот е како да обезбедиме секој граѓанин да биде еднакво важен пред институциите и секој политичар да биде одговорен за своите резултати. Тоа е огромна демократска разлика – поентираат нашите соговорници.
Од етнички баланс кон меритократија
Една модерна европска држава не може засекогаш да остане заробена во логиката дека секоја политичка функција, секоја одлука и секоја институционална позиција мора да се гледаат низ етничкиот калкулатор.
Демократијата во својата зрела фаза треба да се движи кон компетентност наместо етничка припадност, одговорност наместо политичка припадност, резултати наместо распределба, знаење наместо квоти, еднаквост на индивидуата наместо постојано пребројување на заедниците. Тоа не значи дека етничката припадност станува ирелевантна. Напротив. Тоа значи дека државата станува доволно сигурна во своите демократски институции за етничката припадност да престане да биде главниот филтер преку кој се одредува политичката моќ. Тоа е следната, повисока фаза на една демократија. П.Р.
Како и членството во НАТО влијае врз Бадентер?
- Постои уште еден аргумент што не може да се игнорира. Во 2001 година Македонија не беше членка на НАТО. Во март 2020 година Македонија официјално стана 30-та членка на Алијансата. Тоа не е симболичен факт. Тоа е фундаментална промена на безбедносниот контекст во кој функционира државата. Во 2001 година земјата беше во непосредна безбедносна криза и НАТО дури спроведе три мировни операции во периодот 2001–2003 година, на барање на Скопје. Денес Македонија е дел од колективниот систем на одбрана на Алијансата. Тоа, се разбира, не значи дека НАТО ги прави непотребни демократијата, човековите права или механизмите за заштита на заедниците. Но значи нешто друго и многу важно, а тоа е дека безбедносната матрица од 2001 година не е
безбедносна матрица во 2026 година
Охридскиот рамковен договор денес не функционира како некаков надворешен политички документ што стои над македонскиот уставен поредок. Неговите принципи се внесени во Уставот преку уставните амандмани. Во актуелниот уставен текст експлицитно е наведено дека Охридскиот рамковен договор е додаден во преамбулата, додека низа механизми за заштита на правата на заедниците се конституционализирани преку амандманите.
– Токму тоа има еден многу важен елемент на инструментализација и политизација. Зошто постојано во еден дел од албанскиот кампус се расправа дали Македонија треба да го почитува Охрид?! Таа обврска е веќе дел од уставниот поредок. Зошто постојано оттаму се отвора дебата дека некој е против Охрид, во превод против Албанците?! Тоа е политичко подметнување. Вистинското прашање е дали сите негови уставни механизми и денес се најдобриот начин за остварување на неговата основна цел – демократско, стабилно и мултиетничко општество. Ако одговорот е негативен, тогаш демократската држава мора да има право да ги модернизира – вели наш соговорник, универзитетски професор по право, кој зборува за развојот на демократија, државата и правото како еден жив организам што треба постојано да се усовршува низ еволутивен развој, во интерес на граѓаните и на државата.
НАТО го промени и безбедносниот контекст
Постои уште еден аргумент што не може да се игнорира. Во 2001 година Македонија не беше членка на НАТО. Во март 2020 година Македонија официјално стана 30-та членка на Алијансата. Тоа не е симболичен факт. Тоа е фундаментална промена на безбедносниот контекст во кој функционира државата. Во 2001 година земјата беше во непосредна безбедносна криза и НАТО дури спроведе три мировни операции во периодот 2001–2003 година, на барање на Скопје. Денес Македонија е дел од колективниот систем на одбрана на Алијансата. Тоа, се разбира, не значи дека НАТО ги прави непотребни демократијата, човековите права или механизмите за заштита на заедниците. Но значи нешто друго и многу важно, а тоа е дека безбедносната матрица од 2001 година не е безбедносна матрица во 2026 година. Државата повеќе не стои сама пред можен оружен конфликт. Таа е дел од најмоќниот колективен одбранбен сојуз во светот. Затоа е сосема легитимно да се праша дали институционалните решенија што тогаш биле дел од архитектурата на постконфликтната стабилизација треба непроменети да се пренесуваат во една НАТО-членка четврт век подоцна.
Се разбира дека НАТО не е замена за демократијата
Нашите соговорници, во врска со влијанието на НАТО врз Бадентер, кое навистина несомнено го има во еден дел, но на другата страна од вагата што создава противтежа, обрнуваат внимание дека не треба да се направи грешка, па сега НАТО да се користи како аргумент дека автоматски нема повеќе потреба од заштита на заедниците.
– Има една политичка финеса во врска со НАТО-аргументот и тука мора да се постави важна граница. Имено не треба да се направи грешка НАТО да се користи како аргумент дека автоматски нема повеќе потреба од заштита на заедниците. Има. И ќе има. Но таа заштита треба да се премести од етничкиот механизам на блокада кон европскиот механизам на институционална еднаквост! Земја членка на НАТО мора да биде стабилна затоа што има силни институции. Не затоа што секоја институција е конструирана врз трајна политичка недоверба. Не затоа што секоја тема може да се претвори во етничко гласање. Туку затоа што граѓанинот знае дека неговите права се заштитени од Уставот, судовите, законите и независните институции. Тоа е повисоко ниво на безбедност – издвојуваат професорите во своите дискусии.
Од „кој е, на кого (чиј) е овој“ кон „кој е тој што е најдобар (најкомпетентен)“
Можеби токму тука се наоѓа најдлабоката политичка промена што Македонија треба да ја направи. Во постконфликтното општество прашањето било дали и мојата заедница има доволно политичка моќ. Во зрелото граѓанско општество прашањето треба да биде дали државата работи добро за мене.
Тоа се две различни политички филозофии. Првата се темели врз баланс на заедниците. Втората врз еднаквост на граѓаните. Првата постојано брои кој колку има. Втората прашува кој колку знае, колку работи и колку одговара. Првата го гледа политичарот како претставник на етничка група. Втората го гледа како носител на јавна функција. И токму затоа Македонија мора да почне да се ослободува од политичкиот рефлекс дека секое прашање мора да се решава преку – етнички клуч!? П.Р.
За Бадентер е, сепак, врзана една тешка правна реалност
Менувањето на Бадентер не може да се направи со политичка изјава. Бадентеровото мнозинство е дел од Уставот. Затоа негово укинување или суштинска промена би барало уставна постапка, а токму Уставот предвидува посебни квалификувани мнозинства за промени што ги засегаат правата на заедниците и релевантните уставни одредби. Тоа значи дека секој обид да се отвори ова прашање мора да биде сериозен, транспарентен и инклузивен. И тука постои еден голем политички парадокс.
За да се укине механизмот создаден за да ја заштити немнозинската заедница, потребно е повторно да се добие согласност и од самите претставници на немнозинските заедници. Тоа е добро. Затоа што реформата не смее да биде нова мајоризација. Таа мора да биде нов општествен договор.
Охридскиот договор треба да биде една историска етапа
На Македонија денес не ѝ треба нова битка „за“ или „против“ Охридскиот договор. Тоа е стара поделба. Потребна ѝ е дебата за тоа што значи Охридскиот рамковен договор 25 години подоцна.
– Договорот го заврши своето најголемо историско дело. Го врати политичкиот конфликт од оружен судир на зелената маса за преговори и создаде уставна архитектура за мултиетничко општество. ОБСЕ и меѓународните партнери со години го оценуваа Охрид како основа за мир, стабилност и меѓуетнички односи. Но ниту еден демократски систем не треба да биде замрзнат во моментот на неговото создавање. Демократијата создава живи документи. Општествата се менуваат. Демократиите созреваат. Ако Македонија навистина созреала, тогаш мора да биде способна да каже: „Она што ни требаше во 2001 година можеби не ни треба во истата форма во 2026 година“. Тоа не е предавство на Охридскиот рамковен договор, туку тоа е признавање дека договорот од Охрид успеал – велат нашите соговорници со голема доза на оптимизам. П.Р.
Неколку поенти на универзитетски професори од областа
на правните науки
Укинувањето на Бадентер не значи враќање назад
Изјавата на професорите цитирана во насловот е клучната разлика што мора да ја разберат и политичарите, особено во албанскиот кампус, а и јавноста.
– Ако утре, или здравје некогаш, или во скоро време, се отвори процес за уставна промена на двојното мнозинство, тоа не смее да значи укинување на заштитата на немнозинските заедници. Треба да значи нова генерација механизми за заштита – тврдат професорите и додаваат на што се мисли кога се зборува за нова генерација механизми за заштита.
На пример, тоа се:
- силна уставна гаранција
на индивидуалните права; - ефикасна заштита од дискриминација;
- независно судство;
- функционален Уставен суд;
- право на уставна жалба и
ефективни правни лекови; - институционални гаранции
за употребата на јазиците; - еднаква политичка конкуренција;
- независни изборни институции;
- транспарентна администрација;
- професионална јавна служба;
- вистинска парламентарна контрола.
– Со други зборови, не помалку заштита – туку подобра заштита. Не помалку еднаквост – туку повеќе граѓанска еднаквост. Не помалку демократија – туку повисок демократски стандард – поентираат нашите соговорници. П.Р.
Тест за иднината на унитарна Македонија
Вистинскиот успех би бил Македонија да стигне до точка во која Бадентеровите механизми повеќе не ѝ се неопходни
- Најголема грешка би било Охрид да го претвориме во вечен политички мит. Мировните договори треба да создаваат мир. Уставите треба да создаваат еднаквост. Институциите треба да создаваат доверба. А политиката треба да создава одговорност. По 25 години, Македонија има право да каже дека не сака повеќе да биде држава што постојано се прашува дали различните етнички групи имаат доволно механизми за меѓусебно блокирање. Таа треба да стане држава што се прашува дали секој граѓанин има еднаква шанса, дали секој способен човек може да успее и дали секој политичар ќе одговара за своите резултати
Вистинскиот успех на Охрид не треба да биде тоа што 25 години подоцна сè уште гласаме според механизмите што ги создаде. Вистинскиот успех би бил Македонија да стигне до точка во која тие механизми повеќе не ѝ се неопходни. Тоа би значело дека Македонецот не се плаши од Албанецот. Албанецот не се плаши од Македонецот. Турчинот не се плаши дека ќе биде надгласан. Ромот не се плаши дека ќе биде заборавен. Србинот не се плаши дека ќе биде исклучен. И никој нема потреба од политички етнички штит, затоа што институциите се доволно силни да го заштитат секој граѓанин. Тогаш би имале нешто многу поголемо од постконфликтна демократија. Би имале граѓанска демократија.
Време е да престанеме да се плашиме од својот демократски успех
Најголемата грешка би било Охрид да го претвориме во вечен политички мит. Мировните договори треба да создаваат мир. Уставите треба да создаваат еднаквост. Институциите треба да создаваат доверба. А политиката треба да создава одговорност. По 25 години, Македонија има право да каже дека не сака повеќе да биде држава што постојано се прашува дали различните етнички групи имаат доволно механизми за меѓусебно блокирање. Таа треба да стане држава што се прашува дали секој граѓанин има еднаква шанса, дали секој способен човек може да успее и дали секој политичар ќе одговара за своите резултати. Тоа е суштината на модерната демократија. И затоа денес треба да се отвори едно тешко, но неизбежно прашање. Дали еден механизам создаден за да спречи конфликт во 2001 година треба да остане механизам за политичко одлучување во Македонија и натаму?
Можеби најзрелата одлука што можеме да ја донесеме е да кажеме дека Охрид ја заврши својата историска задача. Сега е време Македонија да ја заврши својата демократска. Не со укинување на еднаквоста. Туку со нејзино издигнување на повисоко ниво. Не со враќање кон мајоризација. Туку со излегување од политиката на трајна недоверба. Не со заборавање на 2001-та. Туку со храброст да се живее од денот кога ќе го надминеме Охридскиот рамковен договор. Од Охрид како механизам за мирот на ентитети што биле во конфликт кон Македонија како заедничка, национална држава. П.Р.































