КАЈАК
Македонскиот кајак-спуст забележа значаен успех на натпреварот во Европскиот куп, на реката Мол (Обервилах, Австрија). Во јуниорска конкуренција, 17-годишниот талентиран кајакар Благој Гугинов од ККК Арка-Борец од Велес го освои првото место, во конкуренција на 25 натпреварувачи од девет европски држави. Со овој резултат, Гугинов уште еднаш ги потврди својот квалитет и потенцијал, продолжувајќи го успешниот настап на меѓународната сцена и најавувајќи уште поголеми резултати во иднина.
Во сениорска конкуренција, Љубомир Спасиќ го освои 17. место од вкупно 33 натпреварувачи, во мошне силната меѓународна конкуренција.
– Денешните резултати се уште една потврда за континуираниот развој и квалитет на македонскиот кајак-спуст. Во изминатите четири години, македонските репрезентативци, предводени и од натпреварувачите на ККК Арка-Борец, бележат континуирано присуство и резултати на највисоките европски и светски натпревари. Успехот на Гугинов во Обервилах претставува значаен резултат за македонскиот спорт и уште една потврда дека Македонија има млади кајакари со потенцијал за идни големи меѓународни достигнувања – вели Спасиќ, тренер и селектор за кајак на диви води (спуст), член на ИО на Кајакарската федерација на Македонија (КФМ), како и член во Комитетот за дива вода (спуст) во Европската асоцијација.
Следен настап на Гугинов и на Спасиќ ќе бидат натпреварите во Лиу Ку и Нуџи Јанг (Кина), од 14 до 22 декември.
Во август годинава, македонскиот кајак испиша нова значајна страница на Европското првенство (ЕП) за јуниори во кајак на диви води (спуст), во Грандтули (Шкотска), каде што Гугинов го освои 9. место, постигнувајќи еден од најдобрите резултати за македонски претставник на едно ЕП. Својот потенцијал го потврди на ланските и на годинашните меѓународни натпревари. На Светското првенство во Бања Лука (БиХ), во сениорска конкуренција беше 20-ти од 72 кајакари, што е уште еден показател дека станува збор за натпреварувач со сериозен потенцијал. Г.И.

































