ОДБОЈКА – ЕП 2026

  • Можам да искажам само пофални зборови за односот, залагањето, желбата, мотивацијата и одговорноста што ги покажаа кон националниот дрес. Зборувам од името на комплетниот стручен штаб, дека сме благодарни за сѐ што е постигнато во изминатиот период. А постигнато е
    многу, вели селекторот на македонската репрезентација, Миленкоски, пренесе ОФМ

Четвртото учество на европско првенство (ЕП) во низа машката одбојкарска репрезентација на Македонија го заврши во групната фаза. Црвено-жолтите беа дел од групата Б во Софија, најсилната на годинашното континентално натпреварување со три изразити фаворити, бранителот на титулата Полска, светскиот вицешампион Бугарија и една од врвните 10 селекции во светот, Украина. Тука беа и Португалија и Израел, ривали преку кои Македонија ја гледаше шансата за пласман во осминафиналето. Сепак, Македонија го заврши учеството на ЕП 2026 на петтото место во групата Б, со една победа (на дуелот со Израел), по што најверојатно ќе биде на 20. место во генералниот пласман.
– Македонската репрезентација го заврши своето учество на уште едно, четвртото по ред ЕП. Самиот факт што повторно беше во друштво со дел од најдобрите европски и светски репрезентации, може да се каже дека е една голема сатисфакција особено за вложениот труд, напорните подготовки, претходно постигнатите резултати и неоспорниот квалитет. Трите големи фаворити во групата, Полска, Бугарија и Украина, веројатно ќе беа први во која било група на ова ЕП, сигурно тоа ќе го потврдат и со резултатите во понатамошните натпревари на континенталниот собир. Фактот дека во овие селекции играат голем дел од најдобрите светски одбојкари ѝ даваше уште поголема тежина на групата. Со своите игри тие ги потврдија и квалитетот и големиот потенцијал што го поседуваат. Од друга страна Португалија и особено Израел се исто така репрезентации од европска класа, често учесници во завршниците во Европската златна лига. Тоа се факти што неоспорно покажуваат дека Македонија играше во најтешката група на ЕП, но без оглед на тоа во која било група и да бевме, пласманот можеби ќе беше ист. Сепак, ова е ЕП и тоа е собир на најдобрите од светот на одбојката. Самиот факт дека осум екипи од 16. до 24. место се со ист број победи и ист или помал број поени од Македонија може да биде голема сатисфакција и задоволство. Сепак, исто или подобро постигнување од Холандија, Израел, Шведска, Словачка, Швајцарија, Турција… би требало да го окарактеризира нашиот настап како објективно постигнување. За сево ова зборуваат фактите, бројките, статистиката и табелата – изјави македонскиот селекторот Јошко Миленкоски, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).

Во меѓувреме репрезентативците веќе се вратија дома и по краток одмор ќе им се приклучат на своите клубови во пресрет на новата натпреварувачка сезона.
– Што се однесува до случувањата на самиот терен, видеоанализите покажаа дека имаше и добри и лоши моменти во текот на натпреварите. Во некои фази од играта и во одредени елементи бевме рамноправни со противниците, додека во некои елементи како сервисот и приемот, инфериорни, особено со трите најдобри репрезентации во групата. Сервисот на оние играчи од топ-класа, сервис од 125-130 км на час ни претставуваше голем проблем. Тоа е силина на сервис што ниту машините за сервис што ги користиме на тренинг не ја достигнуваат. Нашите примачи и либерата играат во националното првенство каде што ни приближно нема такви сервиси и беа ставени во тешка ситуација. Но реалноста е дека и во меѓусебните дуели на овие репрезентации бевме сведоци на многу поени од ас-сервиси и тоа е еден нов тренд во одбојката што мора да го следиме. Сѐ друго беше во рамките на очекувањата и реалните можности на нашите репрезентативци. Можам да искажам само пофални зборови за односот, залагањето, желбата, мотивацијата и одговорноста што ги покажаа кон националниот дрес. Зборувам од името на комплетниот стручен штаб, дека сме благодарни за сѐ што е постигнато во изминатиот период. А постигнато е многу, четврто ЕП во низа и континуирано учество низ годините во Европската лига, за една релативно мала федерација и репрезентација. Гледано од оваа перспектива, можеби можело и повеќе, но од друга перспектива, по некое време мислам дека ќе почувствуваме што значело и самото учество на вакви големи манифестации – рече Миленкоски, пренесе ОФМ. Г.И.