ПО ЧЕТИРИ КОЛА НА ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА
Машката репрезентација на Македонија по 4. коло на 46. Шаховска олимпијада (ШО) во Самарканд (Узбекистан) е на делба од 17. до 46. место со осум бода (три победи и еден пораз, 12,5 поени по табли), но според дополнителниот критериум е на 34. позиција, меѓу 206 селекции. Женската репрезентација по четири кола е на делба од 67. до 123. место со четири бода (две победи и два пораза), а според дополнителниот критериум е на 84. место.
Шахистите (рангирани 56. пред ШО 2026) во 3. коло ја совладаа Малта (рангирана 110. на ШО.) со 3,5-0,5. ИМ Емил Ристески (2.426) со црни фигури ремизира со Џек Мизи (2.216), ФМ Антон Златков (2.411) го победи Метју Портели (2.187), ФИМ Филип Панчевски (2.422) го совлада Колин Пејс (2.132), а цел поен освои и ИМ Никола Николовски (2.393) против Џејк Дарманин (2.038). Во 4. коло, Македонците впишаа уште една победа со ист резултат, против Салвадор (рангиран 94-ти). По табли, ФИ Златков со бели фигури го совлада ФМ Карлос Моралес (2.244), ИМ Тони Лазов (2.394) го победи ФМ Даниел Аријас (2.227), Панчевски беше поуспешен од ФМ Карлос Роберто Ибара (2.283), а Николовски го подели поенот со ФМ Марвин Гевара Руиз (2.029). Во 5. коло вчера, шахистите играа со Бугарија (рангирана 28. пред ШО 2026).
Шахистките (рангирани 75.) во 3. коло го победија Кипар (рангиран 125.) со 2,5-1,5. На првата табла со бели фигури ЖФ Моника Стојковска (2.080) беше поуспешна од Аида Паунеску (1.691), ФМ Моника Жежовска (2.080) ја принуди на капитулација Викторија Соколова (1.711), ЖФМ Ивана Манова ремизира со Лариса Соколова (1.690), а Сања Трајковска (1.896) загуби од Елени Пица (1.667). Во 4. коло, Македонија загуби од Перу (рангиран 39.) со 1-3. Стојковска со црни фигури загуби од ИМ Дејси Кори (2.316), Жежовска ремизира со ЖИМ Марија Хименес Салас (2.184), Манова загуби од ФМ Фиорела Контрерас Хуаман (2,168), а Катерина Петровска (1.873) од Флор Марија Зарате (2.019). Вчера шахистките играа со Саудиска Арабија (рангирана 115.). Г.И.

































