Фото: ЕПА

Додека семејната фарма „Џиујуефенг“ во североисточната кинеска покраина Џилин се подготвува за есенската жетва, управителот на фармата Сјао Џијанбо повеќе не мора да поминува лично низ полињата со ориз на површина од 267 хектари за да го следи нивниот раст. Тоа се должи на паметен систем за земјоделско управување во неговата канцеларија, кој постојано ги ажурира податоците за состојбата на почвата, временските услови и растот на културите на фармата.
На својот мобилен телефон, Сјао може да гледа снимки во живо од камери со висока резолуција поставени на полињата, како и отчитувања од сензорите во почвата. Кога е потребна проверка на самото место, тој може да испрати дронови за да ги прегледаат полињата. Овие промени, кои сега се случуваат низ целата покраина Џилин, се дел од пошироките чекори на Кина за модернизација на земјоделството преку дигитални технологии.
– Технологијата за сателитско далечинско набљудување испраќа податоци за растот на оризот на секоја парцела до системот во реално време. Зелената боја значи дека оризот расте нормално. Жолтата или црвената боја може да укажуваат на присуство на штетници или болести, па, така, можеме веднаш да извршиме проверка и да преземеме соодветни мерки – рече Сјао.
Технологијата се покажа како корисна за време на годинашната сезона на поплави, кога обилните врнежи дожд активираа предупредувања при поплавување на полињата со ориз од надојдената вода.
– Во минатото, ако не го откриевме проблемот навреме, тоа можеше да предизвика загуби. Но сега ефикасноста во управувањето со полињата е значително подобрена – посочи Сјао.
За земјоделците како Сјао, сателитското далечинско набљудување, дроновите и „Интернетот на нештата“ (ИоТ) стануваат сè поважни нови алатки во земјоделството, покрај традиционалните. Џилин, кој претставува значајна област за производство на житарки, го искористи својот статус на центар за сателитска технологија за да го модернизира земјоделството.
Сателитското далечинско набљудување се применува во текот на целиот циклус на земјоделско производство, од орање и сеење до управување со полињата и жетва. Со слики со висока резолуција, брз одговор и широка покриеност, технологијата може да им помогне на земјоделските власти да ги проценат непогодите и да ги следат заштитата на земјоделското земјиште и дистрибуцијата на земјоделските култури.
Дигиталното земјоделство исто така го менува начинот на кој се пласираат и продаваат земјоделските производи. Во округот Јонџи, визуелниот систем за пренос во живо им овозможува на странски купувачи да го видат процесот на производство и берба, помагајќи во градењето доверба на потрошувачите. Оваа година тој помогна да се привлечат клиенти од Јужна Кореја, Јапонија, Австралија и Југоисточна Азија.
Во изминатите неколку години Министерството за земјоделство и рурални работи на Кина издаде серија политики за промовирање на таканареченото паметно земјоделство. Кина исто така изгради иновативни платформи за поддршка на паметното земјоделство. Досега се основани 34 национални центри и потцентри за иновации во паметното земјоделство, заедно со 30 клучни лаборатории на министерско ниво за земјоделска информатичка технологија.