Концертната промоција на новата поетска книга од Пијан Славеј, насловена „Пружини“, се одржа во саботата во „Цреша бар“ во Скопје. На настанот заедно со него настапи „Хот џез оркестра“. Петтата поетска книшка на Пијан Славеј е структурно затегната и аналитички жестока неромантизирана севда.
– Со камен во џебот што влече кон матна вода, „Пружини“ ги соголува илузиите за вечност, затегнати под притисок, со слобода ограничена од рамката на запченикот. Низ решетките на времето, во „Пружини“ ќе видите чевли што остареле поинаку; плажите се пусти и истинати низ летото што минува непријатно брзо и останува како подвиена страница; лицето видело и сонце и дожд, а усните пред крајот, наместо вода, бараат пат. „Пружини“ е дестилирана слика на минливоста и растргнатоста, најзрел поетски ракопис на Пијан Славеј и место каде што за добрата љубов нема лошо гнездо – пишува издавачот Дејан Трајкоски во кусиот оглед поместен во книгата.
Пијан Славеј досега има објавено пет поетски книги: „Креветизам и хоризонтала“ (2018), „Срчки“ (2020), „Полиграф“ (2022), „Јазик за двајца“ (2024) и „Пружини“ (2026), сите во издание на „Прозарт медиа“.
Промоцијата беше во организација на „Цреша бар“ и „Прозарт медиа“, а издавањето на книгата е поддржано од Министерството за култура и туризам.