Ацо Дуковски, добитник на „Златен медал“ на ДФРМ

Ацо Дуковски е македонски актер и продуцент, но и човек што со децении е непосредно поврзан со развојот и функционирањето на скопската кинокултура. Како долгогодишен директор на „Градски кина“ – Скопје, тој раководеше со некогашната градска киномрежа, која во своите најдобри години имаше 18 киносали низ Скопје, меѓу кои и култните кина „Култура“, „Напредок“, „Вардар“ 1 и 2, како и летното кино во Градскиот парк. Покрај својата работа во киносферата, Дуковски е препознатлив и по актерските улоги во значајни македонски и бившојугословенски филмови, меѓу кои „Буре барут“, „Бал-кан-кан“ и „Преку езерото“. Тој годинава е добитник на наградата „Златен медал“, која ја доделува Друштвото на филмски работници на Република Македонија.

ДФРМ минатата година го востанови „Златниот медал“, а Вие сте негов втор добитник. Што значи за Вас ова признание, особено како човек што повеќе децении е дел од македонската филмска уметност?
– Ова е многу пријатно изненадување за мене, воопшто не очекував. Особено што доаѓа токму од Друштвото на филмски работници. Тоа се луѓе со кои со години сум работел, сум соработувал, сум учел…

Долги години бевте на чело на „Градски кина“ – Скопје, што мислите дека изгубивме со исчезнувањето на голем дел од тие кина?
– Секоја населба имаше свое кино, од Драчево преку Маџари, Кисела Вода, Бит-пазар, Влае… распоредени во секоја населба. Не говорам за оние централните кина како кино „Центар“, „Вардар“ две сали, кино „Култура“ – две сали, кои беа во самиот центар на градот. Имаше кинокултура, секој имаше да избере каде да гледа. Гледачите се броеја со стотина илјади. Денеска бројките се во тајност, никој не зборува за нив. Затоа што нема публика. Сега човек треба специјално да се организира да оди во „Скопје Сити мол“ за да гледа некој филм. Што не е толку лошо, но поинаку и подобро беше кога имаше кина распоредени низ цел град, сега тешко се дознава кој филм игра, од колку часот. Ги нема оние маалски кина што создаваа некоја потреба за посета на кино, или тоа да биде некоја семејна дружба… Штета е филмовите да се прават само за премиери, а не за публика. А без публика нема филм. Ние можеме да говориме за уметност, за авторски филмови, меѓутоа ако публиката не го види филмот, ако филмот не е посетен од публика, за кого е направен – само за неколку критичари!? Во последно време филмот се прикажува само неколку пати, на премиера, фестивал и толку. Прво и најважно што изгубивме е публиката. Мора повторно да се работи за да се развие киномрежата. А таа може да се развие само со редовен кинорепертоар. Мене ми е малку апсурдно кога ќе прочитам дека се чека некој фестивал за филмот да има премиера, па тоа и надвор од Македонија. Според мене, филмот треба да ја има премиерата во Скопје, Македонија, од каде што доаѓаат парите, од каде што се снимаат тие филмови. Тие филмови дома имаат најголема публика. Мислам дека Агенцијата за филм мора да ги услови филмовите премиерата да ја имаат во Македонија.

Што се гледаше во тоа време, кога Скопје имаше 18 кина?
– Се гледавме. Сите филмови, што се прикажуваа, откупуваа низ светот ги имавме и ние. Кино дистрибуцијата не беше лесна. Но имаше различни начини да се стигне до филмот и имаше ред. Се одеше преку Југославија филм. Да се дојде до копија навистина беше тешко, не беше како сега се достапно. Успевавме кога беа светските премиери на филмовите да ги донесеме во Скопје, во Македонија. Тоа звучи малку смешно сега, ама не беше лесно како сега.

Што Ве одржа толку долго посветен на филмската уметност и што сè уште Ве возбудува во неа?
– Јас дипломирав во 1973 година на Факултетот за драмска уметност, тогаш беше Висока музичка школа, прва генерација во касата на Илија Милчин. Цел живот сум со театар, филм, телевизија… Тоа се над 60 години. И она што уште ме одржува или возбудува се младите режисери што се појавуваат сега со своите филмови. Се радувам кога ги гледам нивните дела. Тука да ги спомнам Милчо Манчевски, Тамара Котевска, Дина Дума, Ѓеорги Унковски, Вардан Тозија… Има многу… Се појавија многу млади луѓе, интересни, и сметам дека треба да се форсираат нивните идеи и фондот, Агенцијата за филм треба да им даде поддршка, да води сметка за нивниот развој.

Што е она што кинокултурата мора да го зачува за филмот да остане вистинско колективно доживување?
– Прво треба да се најде силен начин на финансирање. Финансирање на филмот, да им се даде поддршка на сите млади луѓе што излегуваат од академиите, што создаваат филм. Меѓутоа треба да се работи посветено и организирано на градење на киномрежата, која во Македонија е распадната. Имаме инцидентни кина. Кога ќе се појави некој филм, ќе се проектира и по неколку месеци пак нема да се отвори тоа кино. Киномрежата мора да се рашири низ Македонија. Дали по домови на култура, посебни кина… меѓутоа мора во секој град да има киносала, со свој репертоар – неделен, месечен. А не инцидентно по еден филм на некое време, на неколку месеци…

Со оглед на Вашето импресивно искуство, која е Вашата порака или апел до актуелните филмски работици и надлежните институции за да се поттурне во нагорна линија киноприкажувачката состојба?
– Тажно е што состојбата на кината е ваква. Не сакам јас да делам памет, меѓутоа, потребно е што повеќе да се снимаат филмови, што повеќе простор да им се дава на младите луѓе и што повеќе кина да се отвораат во Македонија. Нема филм без публика. Џабе се сите успеси во странство ако публиката дома не го види филмот. Апсурд е да се снимаат филмови за да се прикажат на некој фестивал. А дома да немаат публика. А немаат публика затоа што немаат каде да се прикажат. И така сѐ е поврзано.