КОШАРКА – ЕП ЗА КАДЕТИ
- Македонија по четири кола имаше биланс од две победи и два пораза и беше трета во групата Б, а вчера во последното коло играше со Украина
Со дуелите од четвртото коло во групата Б, каде што настапува Македонија, по денот предвиден за одмор, продолжија натпреварите од Европското првенство (ЕП) во кошарка (за играчи со 16 години), дивизијата Б. Македонија ја забележа втората победа против Швајцарија со 89-76, по голем пресврт во последната четвртина, иако противникот во еден момент имаше предност од 21 кош. Сепак, македонските кадети одиграа фантастично второ полувреме и заслужено победија во салата „26 Април“ во Гевгелија. Најефикасен во македонските редови беше Илија Коневски со 26 поени и шест скока, Александар Зунзуровски уфрли 19 поени, со четири асистенции и три скока, додека Дион Шабани впиша 18 коша, шест скока и три асистенции.
– Првите два напада беа токму онака како што сакавме. Потоа се случи нешто што за мене беше несфатливо, не го следевме тоа што го договоривме. Швајцарија погоди седум тројки во првата четвртина, а десет за едно полувреме. Ние, пак, немавме вистински ритам во првата четвртина. Бевме многу пасивни во одбраната. На полувремето им кажав на играчите да веруваат во себе и во нашиот план. Тоа беше пресингот по цел терен. Имавме одличен импакт од клупата и голема енергија од играчите што влегоа во игра, особено во одбраната. Потоа почнавме да ги погодуваме шутовите, а тоа е нашата игра – брза кошарка и реакција веднаш по примен кош. Сакаме да завршиме како трети во групата и пред нашата публика да прикажеме брза и атрактивна игра. Публиката многу ни помогна против Швајцарија и сакам да ѝ се заблагодарам – изјави македонскиот селектор Стојановски, пренесе КФМ.
Македонија по четири кола имаше биланс од две победи и два пораза и беше трета во групата Б, а вчера во последното коло играше со Украина, која имаше ист биланс. Селекциите на ова ЕП се поделени во четири групи, а двете првопласирани од секоја од четирите групи ќе обезбедат пласман во четврт-финалето, преку кој и ќе се бараат идните учесници на ЕП-дивизијата А. Г.И.
ТАБЕЛА, ГРУПА Б
Хрватска 4 4 0 430-191 8
Исланд 4 4 0 332-262 8
Македонија 4 2 2 303-228 6
Украина 4 2 2 265-304 6
Кипар 4 0 4 209-312 4
Швајцарија 4 0 4 226-358 4
Вчера играа: Кипар – Швајцарија, Хрватска – Исланд, Украина – Македонија































