ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ОДБОЈКА, ПОЧНУВА ГРУПАТА Ц ВО СКОПЈЕ

Имавме долги и напорни подготовки, но среќен сум оти работевме многу добро, немавме ниту една сериозна повреда, притоа одигравме 16 натпревари, така што сме максимално подготвени за ова ЕП. Нашата група е тешка. Против првиот ривал Данска нѐ очекува голем натпревар, од што многу работи ќе зависат понатаму. Да не повторувам дека на претходните две ЕП го губевме првиот меч од преголема желба да победиме, а потоа не можевме да се препознаеме во следниот. Се надевам дека сега ќе бидеме многу помудри и трпеливи во играта и заедно со публиката ќе успееме да се израдуваме на убава победа, која секако многу ја посакуваме, вели капитенот Никола Ѓоргиев, пред вечерашниот прв меч на ЕП 2023 (20 часот, СЦ „Борис Трајковски“)

Ова е голем спортски настан, меѓу најголемите во македонската спортска историја. Македонската репрезентација ќе го даде најдоброто од себе за да ги претстави Македонија и нашиот спорт во најдобро светло. Во друштво сме со најголемите спортски ѕвезди, тренери од овој спорт, кои ќе бидат присутни во нашата сала, град, држава. Голем настан на кој имаме можност со нашите резултати, амбиции, да постигнеме што повеќе и да се пласираме во следниот круг. Макотрпно работевме сиве овие изминати денови, но за да постигнеме добри резултати ќе ни треба и поддршка од голем број наши навивачи, кои ќе бидат со нас секојдневно. Ние како стручен штаб и како репрезентативци, пак, на теренот ќе го дадеме она што најдобро умееме, а тоа се нашиот цврст карактер, борба и желба за победа. Имаме сили за тоа. Се надевам дека по завршувањето на Европското првенство, тоа ќе биде една нова историја во нашиот спорт, изјави селекторот на одбојкарската репрезентација, Јошко Миленкоски, пред денешниот прв меч во Скопје, со Данска, на годинашното Европско првенство (ЕП), на кое Македонија е еден од четирите кодомаќини, заедно со Италија, Бугарија и со Израел.

Македонија, од денеска до 6 септември во Скопје, ќе биде домаќин на групата Ц на ЕП во одбојка, во која се уште и велесилата Полска, Холандија, Чешка и Црна Гора, а сите натпревари ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“. Избраниците на селекторот Миленкоски ќе го играат првиот натпревар денеска со Данска, од 20 часот. Првите четири репрезентации од секоја од четирите групи ќе се пласираат во осминафиналето. Прв фаворит во групата Ц, секако е Полска, а тука е и Холандија. Осминафиналните и четвртфиналните натпревари ќе се играат во Бари и во Варна, а за медалите ќе се игра во Рим.
– Почнува спортскиот настан што долго го очекувавме и на кој изминативе 10 години макотрпно работевме. Европа нѐ препозна, го добивме домаќинството на нашата група, таа да се одржи во наша арена, во наша држава, во Македонија. Ја повикувам целата македонска спортска јавност да дојде во салата „Борис Трајковски“ и заедно да ја извојуваме првата победа – вели претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Петар Јовановски.

Македонија дебитира на европските првенства во 2019 година (17-то место), а во групата што се играше во Љубљана забележа две победи, од кои една против подоцнежниот европски вицепрвак Словенија. Потоа следуваше настап и на ЕП 2021 во Полска, Чешка, Естонија и во Финска (23-то место), така што македонските одбојкари предводени од искусните Никола Ѓоргиев, Александар Љафтов, Владо Милев и другите репрезентативци на својот трет континентален настап во Скопје ќе настојуваат да го остварат и најдобриот досегашен пласман, влез во осминафиналето.

Македонија в сабота треба да игра со Црна Гора, па ќе следува мечот со водечката селекција на ранг-листата на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ), Полска, в недела, потоа дуелот со Холандија во вторник, а следниот ден е и мечот со Чешка. Црвено-жолтите ги играат сите натпревари од 20 часот, освен со Холандија (17 ч.).
– Имавме долги и напорни подготовки, но среќен сум оти работевме многу добро, немавме ниту една сериозна повреда, притоа одигравме 16 натпревари, од кои шест во Европската златна лига, така што сме максимално подготвени за ова ЕП. Нашата група е тешка, прв фаворит е Полска, потоа Холандија, па Чешка, а тука се и Данска и Црна Гора, кои се на наше ниво. Против првиот ривал Данска нѐ очекува голем натпревар, од што многу работи ќе зависат понатаму. Да не повторувам дека на претходните две ЕП го губевме првиот меч од преголема желба да победиме, а потоа не можевме да се препознаеме во следниот. Се надевам дека сега ќе бидеме многу помудри и трпеливи во играта и заедно со публиката ќе успееме да се израдуваме на убава победа, која секако многу ја посакуваме – вели капитенот Никола Ѓоргиев.

Во Скопје вчера и официјално беше претставен славеничкиот пехар, кој ќе го добие новиот европски првак, како и дресовите што ќе ги носат македонските одбојкари.
ЕП 2023 почна во понеделникот, а во првиот меч од групата А, домаќинот Италија убедливо ја победи Белгија со 3-0 (25-17, 25-18 и 25-15). Г.И.