Фото: Маја Јаневска-Илиева

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024

Македонија во квалификациите за ЕП 2024 игра со Италија (9 септември, во Скопје) и со Малта (12 септември, на гости)

Селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски го објави списокот со повикани фудбалери за двата квалификациски меча за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, со Италија (9 септември, во Скопје) и со Малта (12 септември, на гости).

– Тројца од списокот нема да бидат со нас, Марјан Радевски, Дарко Чурлинов и Ваљон Етеми. Димитар Митровски и Ахмед Иљазовски добија дебитантски повик и ќе се обидат да ја зголемат конкуренцијата. Александар Трајковски е во моментов без клуб, но тој е професионалец кого добро го познавам и изрази желба да биде дел од тимот. Физички е подготвен, но за сите играчи ќе направиме процена околу нивната подготвеност и ќе одлучиме кој колкава минутажа ќе добие на двата натпревара – вели селекторот Милевски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Првиот собир на репрезентацијата е закажан за понеделник.

– Сакаме да покажеме дека Македонија е конкурентна и покрај проблемите со кои се соочуваме. Ќе го дадеме максимумот, момците ќе бидат подготвени за предизвикот и мислам дека атмосферата во националниот тим ќе биде добра и позитивна. Без разлика на резултатите, Македонија заслужува поддршка од трибините и се надевам дека стадионот ќе биде исполнет до последното место. Македонија може да биде добра само ако функционира како тим и наша должност е сите да се ставиме во функција на тимот, оти само така може да се надеваме на успешни настапи – вели Милевски.

Состав: голмани: Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски, Игор Алексовски. Одбрана: Висар Муслиу, Ѓоко Зајков, Никола Серафимов, Јован Манев, Езѓан Алиоски, Бојан Димоски, Ахмет Иљазовски, Стефан Ашковски, Дарко Велковски. Среден ред: Енис Барди, Јани Атанасов, Агон Елези, Аријан Адеми, Елиф Елмас, Давид Бабунски, Давор Здравковски, Љупче Дориев. Напад: Илија Несторовски, Милан Ристовски, Бојан Миовски, Александар Трајковски, Дориан Бабунски, Димитар Митровски, Марјан Радески, Ваљон Етеми, Дарко Чурлинов. Г.И.