Фото: Влада

Во 2030 година Македонија ќе биде прва земја членка на Европската Унија од Западен Балкан, порача премиерот Димитар Ковачевски на вчерашната трибина на тема „ЕУ за македонската економија“ со која во Скопје денеска започна кампањата „Ние сме Европа“.

Претседателот на Владата изјави дека претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на два пати повторил дека има конкретна одредница за проширувањето на ЕУ – 2030 година, како и дека оние кои се побрзи во своите реформи, први ќе влезат во 2030 година во Европската унија.

– Сакам на почетокот да расчистиме три дилеми: Прво дека после долго време претседателот на Европскиот совет во Блед и повторно на телевизија Словенија кажа дека има конкретна одредница за проширување на Европската унија а тоа е 2030 година и тоа е истата година за која што ние велиме дека Северна Македонија ќе биде подготвена – истакна тој на почетокот на трибината.

Посочувајќи на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со повеќе брзини“, Ковачевски нагласи дека „тоа значи дека оние кои се побрзи во своите реформи тие први ќе влезат во 2030 година во Европската унија“.

На настанот кој се одржа на плоштадот „Јадран“ премиерот истакна дека сите стратешки одлуки кои ги носи Владата, како што рече, имаат многу јасна цел, а тоа е развој на економијата, приватниот сектор и нови вработувања.

– Економскиот модел на Владата, во овој временски интервал до 2022 година резултира со историски намален број на невработени за речиси 52 проценти, странски директни иневстиции за овој период зголемени 2,5 пати, просечната пензија е зголемена за 40 отсто, а во 2023 година, просечната нето плата е историски највисока и изнесува 36.527 денари. Тоа се цели 230 евра повеќе во сечиј домашен буџет – рече премиерот кој ново зголемување кое ќе се случи во септември оваа година и, како што рече, повторно ново идниот март, 2024 година.

Според Ковачевски, позитивниот ефект не е само членството во Европската Унија, туку и самиот процес на пристапување.
Свои обраќања вечерва имаа и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерот за економија, Крешник Бектеши, шпанскиот амабасадор и други.

На настанот присуствуваа голем дел од министрите во Владата, поранешниот премиер Владо Бучковски, како и повеќе граѓани.