СКИЈАЊЕ

Македонските олимпијци нордијци, Ставре Јада и Ана Цветановска, по Зимските олимписки игри во Пекинг продолжија со активностите и настапија на неколку трки во БиХ и во Грција. Минатиот викенд на Пале, во БиХ, на трките во Балканскиот куп, Цветановска ги освои четвртото и петтото место на пет километри слободно, Михаела Даноска беше седма и деветта, а Јада четврти и седми, на 10 км слободно. Претходно на трките за ФИС-купот, исто така, на Пале, Цветановска беше втора и трета, Даноска освои едно трето и едно петто место, а Јада беше втор и четврти. Во Метсово, пак, на отвореното првенство на Грција, на крајот на февруари, Цветановска победи во трката на пет км и беше трета во спринтот на 1,2 км. Јада беше втор на 10 км и шести на 1,2 км.
– Добро се чувствуваме, задоволни сме, имавме неколку добри трки, се искачивме и на победничкиот подиум – вели Јада.