ДУИ е за европска Македонија, колку што минатите години беше за зелена Македонија. Празна парола што сакаат да ја слушнат нашите сојузници од Западот, а дома е покритие за невидена неспособност и корупција
Во контекст на деградација и распаѓање на институциите во Македонија, Владата на ДУИ и СДСМ, како расипана плоча повторува како ВМРО-ДПМНЕ е анти-ЕУ и одговорно за сите проблеми во земјата, како ВМРО-ДПМНЕ да не е опозиција, туку власт. Но клучната замена на тезите е дека не ВМРО-ДПМНЕ, туку ДУИ и СДСМ се анти-ЕУ коалиција. Зошто?
Од почетокот на годината, ДУИ најави формирање фронт за европска Македонија. Како во Македонија да има сили што се за неевропска Македонија. Да повторам, во Македонија нема главна политичка сила, ниту значаен сегмент од населението што не е за Европа. ДУИ е за европска Македонија, колку што минатите години беше за зелена Македонија. Празна парола што сакаат да ја слушнат нашите сојузници од Западот, а дома е покритие за невидена неспособност и корупција. Фронтот за европска Македонија нема цел да нѐ внесе во ЕУ, туку да спречи катастрофален пораз на ДУИ и СДСМ на следните избори. Како? Прво, ДУИ и СДСМ ќе се претстават пред Западот како единствени бранители на евроатлантската агенда. Второ, ВМРО-ДПМНЕ ќе се претстави како „националистичка“ и „антизападна“ и „анти-ЕУ“. Последица од тоа би биле најмалку три работи: прво, Западот би толерирал, би замижал на нефер избори, второ, би се запрело преливањето гласови од центарот кон ВМРО-ДПМНЕ и трето, би се оштетил коалицискиот капацитет на ВМРО-ДПМНЕ со партии на етничките Албанци. ДУИ има плус добивка од фронтот за европска Македонија во уништување на досега најголемата сопствена опозиција Алијанса на Албанците.
За ДУИ и СДСМ тоа е премалку и се надеваат на бонус – дека Западот со булдожер-дипломатија ќе изврши силен притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени, како што ги притисна Србија и Косово да го прифатат франко-германскиот предлог. Планот е дека поради тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе изгуби поддршка на изборите и ДУИ/СДСМ повторно ќе формираат влада. И доколку потфрлат и со тоа, ДУИ и СДСМ би биле среќни со одлевање гласови на ВМРО-ДПМНЕ во Левица, до степен Левица да биде фактор за формирање влада, со надеж на повторно изолирање на ВМРО-ДПМНЕ.
Ете, тоа е целта на фронтот за европска Македонија. Никаква ЕУ, само гола борба за власт. Но не се ДУИ и СДСМ – анти-ЕУ коалиција, само поради тоа што фронтот за европска Македонија е ништо повеќе од празна парола. ДУИ и СДСМ се анти-ЕУ коалиција затоа што со своето дејствување, со својата неспособност и корупција го трошат добриот капитал на ЕУ. За првпат во историјата на земјата поддршката за ЕУ е под 50 проценти. Во времето на режимот на Никола Груевски, таа поддршка беше на огромно мнозинство, невидено во друга земја. И не е падот на поддршката само поради чувството на неправда поради начинот на кој ЕУ се однесува кон Македонија. Главната причина за падот на поддршката на ЕУ е дека ДУИ и СДСМ се кријат зад ЕУ, се изедначуваат со ЕУ, а нас не ни требаат таква неспособност и корумпираност како таа на ДУИ и СДСМ.
Сакате факти? Еве еден. Еден од главните слогани во периодот на Преспанскиот договор „бесплатно здравство во целата ЕУ“ („Со членство во ЕУ за бесплатни здравствени услуги низ цела Европа“ 2018 година). По пет години до каде е оваа цел? Бесплатни услуги во цела Европа се децении далеку од нас, но ние во моментот не можеме да добиеме такви услуги дома, во Македонија. Веќе со недели Фондот за здравство (ФЗОМ) е хакиран и како последица од тоа крахираат здравствените услуги и не се исплатени платите во здравството. Верувам дека и најобезбедените системи може да бидат хакирани, како што верувам дека не секогаш може да помогне бекап. Итности и непогоди се случуваат. Тоа, не навлегувајќи во можни безбедносни пропусти, не е спорно. Очајно спорно е однесувањето потоа. Директорите на ФЗОМ одбиваат да се вратат од одмор или одбиваат да излезат пред јавноста да ја информираат директно. Одговорност, што е тоа? Ем криви ем невидено безобразни. И врв на тоа за нивна вина, им го скратуваат пристапот на пациентите до услуги (лекови). Воспоставена е таква невозможна процедура за издавање лекови на рецепт, што пациентите се принудени да ги купуваат приватно. Грешка на ФЗОМ, која ја плаќаат пациентите. А треба обратно, грешка на ФЗОМ, тогаш ќе прифатат ризик лекови да подигнат и пациенти без активно здравствено осигурување.
Еве втор. ДУИ и СДСМ се толку неспособни што не можат да искоординираат процес на издавање еврообврзница со реконструкција на влада, поради што министерот за правда не ја потпишал еврообврзницата. Како, на пример, да ви е одобрен станбен кредит, договарате потпишување на нотар, но не се појавувате на истото тоа. Еврообврзница е веќе продадена и сега странските банки им ги враќаат парите на купувачите. Првата реакција е пад на вредноста на претходните еврообврзници. За жал, на нас, има и трет, и четврт, и безброј примери на неспособност и корупција.
И како човек да верува дека ЕУ ќе донела добросостојба? Ќе се отвореле преговори, ќе се добиел пристап до ЕУ-фондови. Кои црни ЕУ-фондови, па овие три километри пат, две години не можат да направат. Затоа избори сега, се решение!
Авторот е аналитичар.
Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични