Алиенација (отуѓување)

Во образовниот процес често го споменуваме поимот алиенација или отуѓување. Како феномен, него го врзувавме за либералниот капитализам, кога луѓето во трка по „нешто“ (најчесто пари) се отуѓуваа од сопствената природа, а и од општеството. Тоа ни беше толку апстрактно што, иако го повторувавме, не ја знаевме суштината на неговото значење. А, денес? Денес точно ја спознавме. И тоа на своја кожа

Пред неколку години имаше едно видеоклипче во кое на некој начин се предвидуваше блиската иднина на општеството. Сиви и мрачни луѓе трчаат на работа за да заработат колку за парче леб, морално осиромашени, недоверливи и тажни, со деца уште повеќе апатични и незаинтересирани за ништо, оставени сами на себе со технолошките придобивки на денешницата.
Денес се чини дека авторот што го направи тоа видео всушност и не беше далеку од реалната проекција за суровата вистина на иднината. Денес живееме едно сосема поинакво ново нормално. Доволно е да се прошета низ градскиот плоштад, кој некогаш беше полн со смеа и забава. Сега на плоштадот минуваат фигури фокусирани на преживување, опседнати со пари и секојдневни проблеми, повторно мотивирани од финансиите.
И тоа е реалноста, за жал.
Во минатото дружбата беше сѐ. Луѓето работеа за да живеат, се дружеа, се социјализираа, деца играа, во воздухот се чувствуваа радост, среќа и позитивна енергија. Немаше толкава беспарица, иако и тогаш имаше проблеми како и денес.
Денес се чини како да се паднати сите норми – социјални, политички, етички, безбедносни. Кај народот владее една морална сиромаштија, луѓето веќе не можат да проценат што е морално, а што не. Дојде време кога дружбата и пријателите го загубија приматот во секојдневното живеење. Не дај боже да ти се најават гости. Тоа се доживува драматично. Финансиски товар за да поставиш нешто на маса, да не се посрамотиш, а тоа вообичаено не е како во минатото, да послужиш само кафе. Не. Денес мора да се приготвуваат похувани штици, месо, вегански салати, вегетаријански додатоци, па безглутенски… Бидејќи, нели, не знаеш кој што прифатил од кулинарската култура.

Од друга страна. пак, никој и не ни сака да оди на гости. Трошок за бензин, па да не одиш со празни раце, ако во играта има и деца, автоматски тоа значи дека треба да се купи нешто и за нив. И идејата заминување на гости паѓа во вода.
Во минатото доволно беше едно кафе и слатко, но тогаш никој не гледаше во масата. Важно беше дружењето, смеењето. И колку и да звучи тоа носталгично, тоа е време што никогаш нема да се врати.
Народот нема повеќе време за дружење. Сѐ потешко се издржува. Луѓето се осамени, немаат со кого да споделат проблеми, иако навидум сите се хумани, а на социјалните мрежи „врие“ од мудри мисли за пријателство и за хумани и морални односи. Почнавме да се дефинираме на Фејсбук. Таму имаме илјадници пријатели, но во реалноста баш и немаме кому да му се обратиме.
Станавме финансиски машини, битката за пари нѐ проголта.
Можеби така и ни одговараше, да се отуѓиме, да се изолираме. Зборуваме за странските земји, каде што наводно немало дружење, но ситуацијата е комплетно иста и кај нас. Народот се сведе на голо преживување, кое понекогаш вклучува и неморал само за да се преживее. Сите се фокусирани на надминување на кризата, иако е тоа сосема легитимно, но, сепак, е психолошки товар со деструктивни последици.
Човекот по природа е социјално суштество. Човекот не е дизајниран да живее осамено. Не би имал шанса за тоа. А ние, со полна брзина итаме да го реализираме тоа.
Младите, пак, исто така учат дека најважни се парите. До тој степен е поместена моралната и социјалната рамка, што деца од пет години се натпреваруваат чиј татко имал поголем автомобил. Дотолку емоционално ги осакативме и младите што немаат чувство за никаква вредност. Едни се нападни, други се целосно повлечени, аутистични. Нема игра на деца среде улица, а и да има, поделени се во кланови и не разговараат меѓусебно.

Младите веќе на големо заминуваат надвор од земјата. Некои на сезонски работи, други на подолг рок, но тоа е суровата вистина. Уште некоја година ќе немаме млади, ќе немаме кому да му ја оставиме Македонија.
Секое дете прави план како да замине од земјава, никој не сака да остане во општество што полека но сигурно ’рѓосува од неморал, неетика, од себичност. Младите не планираат да чекаат да дојде подоброто утре. Заминуваат сами да си го создадат, заминуваат да работат и за тоа ќе бидат добро платени. Тие не го ни знаат она поубаво време во кое во полн капацитет живееја постарите генерации. Можеби и со право заминуваат. Кој сака да остане во земја што тоне во апатичност, помеѓу сиви луѓе што се борат да преживеат, во земја каде што исмејувањето и омаловажувањето станаа сосема морално нормални иако не се.
Во образовниот процес често го споменуваме поимот алиенација или отуѓување. Како феномен, него го врзувавме за либералниот капитализам, кога луѓето во трка по „нешто“ (најчесто пари), се отуѓуваа од сопствената природа, а и од општеството. Тоа ни беше толку апстрактно, што иако го повторувавме, не ја знаевме суштината на неговото значење. А, денес? Денес точно ја спознавме. И тоа на своја кожа. Можеби е време да се освестиме. Да сфатиме дека сите проблеми полесно се решаваат со пријателите, дека барем еден ден во неделата можеме да си дозволиме излегување со децата што плачат за дружба, за социјализација со своите родители. Ако почнеме сега, можеби нема да биде доцна. Да се спасиме од агонијата што се заканува да нѐ проголта, без можност да нѐ врати назад.

[email protected]