Зошто Македонците воопшто беа изненадени од избувнувањето на војната во 2001 година? Тврдењето дека војната од 2001 година дојде како вистински шок за македонското општество веројатно дејствува чудно, претерано, па дури и целосно невистинито од денешна перспектива. Во изминатиот четвртина век се изострија неколку толкувања за судирот, кои многу брзо се вкаменија во паралелни вистини. Најдоминантен е, секако, националистичкиот наратив, без разлика дали станува збор за македонскиот, албанскиот или кој било друг етнички балкански правец на овој феномен. За многубројните приврзаници на оваа вистина нема никакви дилеми дека македонско-албанските односи се сведуваат на непрекината борба за превласт на истиот географски простор, па војната од 2001 година не е некаков историски исклучок, туку само едно ново поглавје во вечната низа крвави судири. Постои и една далеку порафинирана верзија на истото тврдење во форма на стариот и добар западен ориентализам, кој Балканот го гледа како простор населен со народи заробени во сопственото минато, обземени со неразумни стравови и потопени во древни омрази. Роберт Каплан го изложи ова гледиште во неговата книга „Духовите на Балканот“, која наводно ја прочитал и лично тогашниот кандидат за американското претседателство Бил Клинтон. Овој облик на културен расизам кон балканските народи најде свој влијателен уметнички израз и во „Пред дождот“. Иако денес овој филм има речиси статус на култно дело, неговата суштинска порака е врамена во западната претстава за Балканот како место каде што историјата никогаш не завршува, разумот никогаш не победува, а насилството секогаш демне зад следната кривина. Тука луѓето не војуваат како резултат на сплет од политички одлуки од конкретни поединци, туку затоа што, едноставно, се Балканци, намуртени горштаци од примитивните племиња распослани по висорамнините.
И националистите и ориенталистите, секои од свои причини, имаат потреба 2001 година да ја претстават како историска неизбежност, но првите за да докажат дека отсекогаш биле во право, вторите за да покажат дека Балканот отсекогаш бил ист и неменлив.
Но токму тука се поставува клучното прашање. Зошто државата што цели десет години опстојуваше како самопрогласена „оаза на мирот“ додека во нејзиното непосредно соседство дивееја крвави војни реагираше како да се случува нешто навистина незамисливо кога „мечката конечно заигра“ и пред нејзината порта?
Националниот наратив не е издлабен во мермер туку е менлив и минлив израз на начинот на кој народот на една држава си го замислува своето место во историјата во одреден момент. Една од клучните точки на современиот македонски наратив по демократизацијата и осамостојувањето беше да се замислува себеси како „оаза на мирот“ на Балканот. Првиот претседател Киро Глигоров, впрочем, постојано ја проектираше оваа слика на сопствената земја, меѓу другото, и како начин да ја легитимира новата држава во меѓународниот поредок, но и да го оправда своето владеење во очите на сопствените граѓани. Македонија беше исклучок од националистичкото лудило што ги зарази балканските народи во 1990-тите, држава што го негува соживотот или „мирољубивата коегзистенција“ и која води мудра политика за да ги избегне сите замки за влез во туѓи и налудничави воени авантури. Оваа идилична претстава и не беше целосно без основа. ЈНА единствено од Македонија ги повлече своите војници без ниту еден исчашен зглоб. Земјата го избра бавното демократско приспособување за надминување на внатрешните меѓуетнички состојби, а посебно околу критичното „албанско прашање“. Привремената спогодба од 1995 година конечно го отвори патот кон европската интеграција, овозможи да се заокружи меѓународното признавање и да се засили интеграцијата во глобалните економски текови. Земјата покажа и невидена жилавост по обидот за атентат врз претседателот Киро Глигоров, што дотогаш беше најсериозна закана за нејзина дестабилизација.
Меѓутоа, токму тука започнува проблемот. Фразата „оаза на мирот“ постепено престана да биде само добра дипломатска формула и милозвучна политичка флоскула, туку почна да се претвора во општоприфатена национална догма, па Македонија се умисли дека некако е имуна на војна и како исклучок од балканските правила. Токму затоа ударот во 2001 година беше толку силен. Прекуноќ беше соборен митот што Македонија го градеше цела една деценија.
„Титова Југославија“ за Македонците претставуваше еден од најуспешните периоди во националната историја. Во рамките на југословенската федерација Македонија конечно се избори за можност да ја создаде сопствена државност, Македонците слободно да ја негуваат својата национална посебност, а притоа и државата и нацијата да бидат заштитени од моќта на една многу поголема политичка целина. Впрочем, ретко кој во Македонија некогаш негувал илузии дека земјата може самостојно да биде значаен геополитички, геоекономски или геокултурен чинител. Економијата, демографијата и географијата се прилично прецизни науки, но и интуитивно Македонците отсекогаш умееле реално да ги проценат сопствените сили. Низ целата своја модерна историја тие најчесто барале начин да ја зачуваат сопствената посебност во рамките на поголеми политички проекти, како балканската федерација, во секој можен облик, или подоцна во Југославија и на крајот во Европската Унија. Токму затоа позитивното искуство од југословенската федерација толку лесно беше проектирано врз европската интеграција. Како што некогаш Југославија ги гарантираше државноста на Македонија и националната посебност на Македонците, така Европската Унија постепено почна да се замислува како нова рамка што конечно ќе ги затвори старите историски дилеми. Влезот во европското семејство значеше влез во друштвото на признаените европски нации и трајна заштита на македонската посебност.
Од овие причини Европската Унија во Македонија никогаш не беше доживувана исклучиво како економски проект. Многу повеќе отколку единствен пазар, развојни фондови или слободно движење, ЕУ претставуваше безбедносно сидро, односно рамка што ги гарантира државноста, националната посебност и мирот. Македонското прашање беше решено во рамките на југословенската федерација. Осамостојувањето на државата го преотвори македонското прашање на најгрд можен начин, па веднаш по прогласувањето независност земјата се соочи со грчкото оспорување на самата нејзина државност и бугарското негирање на македонската етничка и национална посебност. Над главите на Македонците висеше и непризнавањето на автокефалноста на Македонската православна црква од страна на Српската православна црква, и тоа токму во деценијата кога припадноста кон СПЦ стана клучна точка за дефинирање на српскиот идентитет. Покрај тоа, секако дека „енверистичките“ идеи за голема Албанија создаваа нелагодност, особено кога тие добија и конкретен облик преку УЧК и нејзините подоцнежни деривати. Затоа полноправното членство во Европската Унија и во НАТО за Македонците претставуваше нов начин за одговор на македонското прашање, нормално во сојуз со сродни демократии и во еден поширок економски и безбедносен простор.
Токму крајот на 2000 година беше моментот кога бриселскиот сон започна да станува дофатлива стварност за Македонија. Ветриштата на промени по одлучниот воен влез на САД и на Косово, по падот на Слободан Милошевиќ и создавањето на Пактот за стабилност, овозможија земјата, како прва на Западен Балкан, да ги заврши преговорите со парафирање на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, клучниот исчекор кон полноправно членство во Унијата. Кон крајот на 2000 година се чинеше дека Европската Унија, како мировен проект, конечно одлучила да се раскрили и над Балканот. Впрочем, зарем земјите на ЕУ не беа клучниот двигател во ООН за создавање на Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија? Во ова тело требаше да им се суди на сите што ги загрозија мирот, имотот и животот на граѓаните на поранешна Југославија, па Хаг стана своевиден симбол дека војната во новата Европа е криминализирана како здружен злосторнички потфат.
Тогашната македонска влада се стекна со завиден политички капитал за време на бомбардирањето на Сојузна Република Југославија. Веројатно еден ден кога ќе се отворат сите архиви ќе дознаеме што сѐ се случувало во тие турбулентни месеци, но сигурно е дека владата на Љубчо Георгиевски се обидела да извлече најмногу што е можно и замисливо во поглед на македонската интеграција кон ЕУ и кон НАТО. Всушност, Македонија од првиот миг беше заднинска поддршка за воената мисија на НАТО на Косово, во обликот на КФОР, како и на тамошната цивилна администрацијата на Обединетите нации, УНМИК и на сите други можни меѓународни тела што беа вклучени во обновата на Косово. Сето тоа ја ушушка земјата во илузија дека не е можно или барем дека нема да се дозволи прелевање на кризата од Косово и загрозување на мирот во Македонија. Зарем САД, ЕУ и НАТО ќе дозволат војна во Македонија токму сега, по потпишувањето на ССА, и во земјата што беше „оаза на мирот“ додека татнеа новите балкански војни и која макотрпно го градеше својот однос кон Брисел? Кон крајот на 2000 година ваквата политичка промисла не беше фантазија и самозалажување туку логично политичко очекување со разбирлива основа.
Тоа не значи дека Македонците не беа свесни за нерешеното албанско прашање во земјата. Меѓутоа, во 2000 година состојбата околу македонско-албанските односи беше сосема различна од грдите 1980-те или од почетоците на македонската независност. Веќе не постоеше ниту една значајна политичка сила помеѓу Македонците што го спореше концептот на демократско приспособување, како ни на непосредното учество на политичките партии на етничките Албанци во власта со избрани претставници што се стекнале со изворен легитимитет од граѓаните. Тогашната опозиција популистички ги критикуваше пробивите во меѓуетничките односи, како Штуловиот универзитет или изборот на кадри на ДПА на политички функции во најосетливите безбедносни установи. Но зад дневнополитичките препукувања постоеше еден многу поширок преќутен консензус дека албанското прашање ќе се решава по институционален пат.
Македонија беше и непосредно вовлечена во косовскиот конфликт кога вдоми над 360 илјади бегалци од Косово. Безбедносните институции продолжија да ги следат активностите на радикалните групи, а македонската дипломатија активно се вклучи во сите европски иницијативи за стабилизација на Балканот. Исто така и соработката со КФОР и со УНМИК беше на завидно ниво, и тоа не само затоа што земјата беше критична логистичка база. Во своите политички мемоари Небојша Човиќ опишува како Македонија и Србија соработувале при решавањето на кризата во Прешевската Долина, како билатерално така и во блиска координација со КФОР, НАТО и ЕУ.
Оттука не може да се каже дека Македонија не ги поседувала сите информации околу активностите на мрежите што ќе ја сочинат идната ОНА. Не може да се тврди ни дека земјата не ги отворала овие прашања пред претставниците на САД, ЕУ и НАТО. Уште помалку може да се укажува дека Македонија не ги добивала сите нивни гаранции дека тие ќе оневозможат прелевање на кризата преку јужната граница на Косово. Но проблемот се состоеше во тоа што никој не можеше да даде такви гаранции. САД и ЕУ немаа потполна контрола врз состојбите што самите ги предизвикаа со бомбардирањето на СР Југославија и влезот на трупите на НАТО на Косово. Впрочем, никој не е на копче, па ни мрежите што сиот свој успех го должат на западната интервенција против Слободан Милошевиќ. Џабе се и одвраќањата од лидерите на косовската УЧК, Хашим Тачи и Рамуш Харадинај, на кои тогаш најмалку им одговара отворање нов фронт во Македонија под знамето, симболите и митологијата на нивната косовска борба.
Најголемата заблуда на Македонија не беше што погрешно ги прочита намерите на радикалните групи или, пак, затоа што немаше информации за нивниот состав, оружје и намери. Таа добро ги разбираше и уште подобро ги познаваше. Заблудата беше што поверува дека западната алијанса има капацитет директно да ги контролира последиците од сопствената победа на Косово. Македонците немаа никакви илузии дека се решени сите проблеми на Балканот. Но го имаа секое право да сметаат дека Косово е последниот воен судир на овие простори и дека регионот одлучно зачекорил кон европската перспектива. За жал, клиповите на воената машинерија веќе беа ставени во движење, а историјата уште еднаш ќе покаже дека многу полесно е да се започне една политичка епизода отколку да се запре, како и дека никој не може да го предвиди развојот на настаните.
Танушевци го скрши маѓепсаното огледало, па зад илузијата на „оаза на мирот“ и за семоќта на Западот се појави грдата политичка реалност. Војната не беше спречена и покрај НАТО на Косово, Обединетите нации во косовската управа и немерливата политичка моќ на Западот на тогашниот Западен Балкан. Колку и да изгледа сето тоа наивно од денешен аспект, кога беснее суровата војна во Украина, духот на времето беше сосема поинаков на Балканот и во Европа таа 2001 година.
Мора да се признае дека не веруваа сите во оваа бајка за „крајот на историјата на ридестиот Балкан“. Познавачите на состојбите на Косово постојано гласно предупредуваа, а тука ќе мора да ги истакнам новинарските пера на Исо Руси од Скопје и на Ветон Сурои од Приштина. Тие ја согледуваа реалната опасност од прелевањето на мрежите на УЧК, заедно со нивната националистичка идеологија, и во Македонија. За волја на вистината, предупредувања стигнуваа и од домашните установи задолжени за националната безбедност. За жал, политичките промени од 1998 година сериозно го нагризаа овој најосетлив сегмент на државната власт, а најголемиот дел од тимот што првично успешно се соочи со прото-УЧК во 1998 година во Колари веќе беше прераспределен или заминат од структурите, што ќе се покаже како системска слабост во настаните што допрва ќе дојдат. Покрај тоа, и самата Армија на Република Македонија беше многу повеќе инерцијален момент од Југословенската народна армија наместо војска што е приспособена кон предизвиците на новото време и која ги учи лекциите од војните за југословенското наследство, па ги вградува во својата воена доктрина. За волја на вистината, кон системското потценување на армијата придонесуваа и погледите на Киро Глигоров и неговите најблиски советници дека „млада демократија може да биде соборена од бајонети, било туѓи или свои“, па беа запоставени инвестициите во преобразбата на АРМ. Впрочем и онака војната беше веќе невозможна на европско тло, па зошто да се трошат и онака скудните ресурси на војската?
Тетово беше моментот кога дури и најголемите оптимисти почнаа да сфаќаат дека нешто суштински се променило. Танушевци сè уште можеше да се објаснува како граничен инцидент. Теарце можеше да се толкува како терористички напад. Но кога борбите се појавија над вториот најголем град во државата, просторот за самоизмама нагло се стесни. Телевизиските снимки од Шар Планина направија повеќе за рушењето на митот за „оазата на мирот“ отколку сите анализи, предупредувања и разузнавачки извештаи заедно.
Во исто време, македонската јавност почна да ја губи довербата дека станува збор за ограничен безбедносен предизвик. Најголем дел од Македонците не ги читаа внимателно воените извештаи, но многу внимателно ги читаа коминикеата на ОНА. Во нив сè поретко гледаа организација што се бори за одредени права, а сè почесто движење што ги оспоруваше легитимноста на државата, нејзините граници и самиот македонски национален наратив. Термините како „славомакедонски окупатор“ и повиците за национално обединување на Албанците кај голем дел од јавноста создадоа чувство дека Македонија можеби не е соочена со побуна, туку со првата фаза од многу поширок проект.
Нормално, оваа запалива националистичка реторика на УЧК веднаш доби свој одговор и кај Македонците. Веднаш по мартовските настани на Тетовското кале во Скопје демонстрираа Македонците од Тетово, некое далечно ехо на оние протести пред Собранието меѓу двата круга од првите демократски избори, барајќи оружје за да се справат со УЧК. Пред нив излегоа претседателот на државата Борис Трајковски и министерот за надворешни работи Срѓан Керим, за да ги уверат дека државата дејствува и дека Тетово ќе остане македонски град.
Колку повеќе се ширеше кризата толку повеќе растеше и чувството дека државата не е подготвена за предизвикот. Во јавноста почнаа да се поставуваат непријатни прашања за состојбата на армијата, за кадровските потреси во МВР, за годините запоставени реформи и за слабостите на безбедносниот систем. Војната не ја создаде неподготвеноста на државата, но ја разголе со брутална брзина. По една деценија во која македонската политика разговараше за демократската транзиција, западните интеграции и за европска иднина, одеднаш повторно мораше да размислува за воена мобилизација, одбрана и заштита на територијалниот интегритет.
Токму во такви околности беше создадена владата на широката коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ПДП. Таа не беше производ на ново политичко помирување, ниту доказ за национално обединување под знамето како резултат на воената закана. Напротив. Нејзиното создавање претставуваше признание дека кризата прераснала во опасност што повеќе никој не може да ја контролира. Впрочем, насекаде во поранешна Југославија создавањето концентрациони влади на најшироки коалиции го означуваше почетокот на војната. Поедноставно кажано, тоа беше моментот кога и македонската политичка елита конечно сфати дека ѓаволот навистина ја однел шегата.
Вистинскиот шок за Македонците во 2001 година беше сознанието дека ни целата деценија зачуван мир, ни отворениот пат кон Брисел, ни партнерството со Вашингтон веќе не претставуваат гаранција дека војната ќе биде спречена. Очекувањето дека Македонија ќе биде заштитена имаше своја политичка логика. Но меѓу западната поддршка за опстанокот на државата и способноста навреме да се запре оружената ескалација постоеше остар јаз што допрва стануваше видлив. Во тој процеп се распадна уверувањето дека најтешките историски искушенија веќе се зад нас. Македонците повторно се најдоа пред прашањето како да ја зачуваат сопствената држава, но понудените одговори не нудеа повторно обединување околу знамето туку нови остри политички поделби што ќе го одбележат натамошниот тек на кризата и нејзиното политичко наследство.





























