Над 106.000 луѓе учествуваа на денешните протести ширум Франција, а во неколку градови дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата. Инциденти беа регистрирани во Париз, Лион, Бордо и Нант.
Во Париз, протестниот марш пристигна до крајната дестинација, Плоштадот на нацијата, без поголеми нарушувања на редот. Сепак, подоцна помала група демонстранти почна да фрла предмети кон полицијата, по што безбедносните сили употребија солзавец за да ја растераат толпата, пренесе „Ројтерс“.
Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека до 17 часот биле приведени 121 лице, од кои 22 во Париз.
Според официјалните податоци, на протестите низ земјата учествувале 106.000 граѓани, од кои 24.000 во главниот град. Од друга страна, Синдикатот на младите изнесе значително повисока бројка, тврдејќи дека на улиците излегле околу 200.000 луѓе.
Пред протестите, министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез најави одржување на 50 до 60 собири низ земјата. За обезбедување на настаните беа ангажирани околу 70.000 полицајци и жандарми, исто колку и за претходните три демонстрации, кои започнаа на 24 октомври.
На протестите се приклучија млади луѓе, припадници на движењето „Жолти елеци“, активисти против насилството врз децата и адолесцентите, како и организации за заштита на животната средина.
Меѓу главните барања на демонстрантите се зголемување на платите, повеќе средства за образованието, подобра заштита на децата и адолесцентите, како и поефикасни мерки за зачувување на животната средина.
































