Фото: МВР/илустрација

Во текот на изминатото деноноќие, полициски службеници лишиле од слобода девет возачи на различни локации низ државата поради сомнение за сторено кривично дело „Безобѕирно управување со возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Според информациите од МВР, шестмина од приведените управувале моторно возило без положен возачки испит. Станува збор за А.С. (46), М.Р. (26) и З.С. (26), сите од Скопје, А.М. (27) од селото Никиштани, скопско, Г.Т. (56) од селото Подлес, општина Градско, како и А.К. (28) од селото Дреново, кавадаречко, кој воедно управувал возило и под дејство на алкохол.

Другите двајца возачи, Г.Ј. (49) од Кочани и М.С. (35) од Куманово, биле затекнати како управуваат возило под дејство на алкохол. Д.С. (21) од Крива Паланка, пак, управувал моторно возило и покрај тоа што имал активна мерка забрана за управување со моторно возило.

Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Министерството апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол, со цел заеднички да придонесат за поголема безбедност во сообраќајот.