Фото: ЕПА

Масовни протести се одржаа денеска во 32 португалски градови, каде граѓаните побараа од Владата итни мерки за справување со сè подлабоката станбена криза во земјата.

Под мотото „Нема да ни го украдат правото на дом“, протестите ги организираше платформата „Дом за живеење“ (Casa Para Viver), а демонстранти излегоа на улиците во Лисабон, Порто, Фаро, Портимао, Коимбра, Брага и други градови.

Учесниците побараа построга контрола на станарините, поголема заштита на закупците од присилно иселување и зголемени инвестиции во изградба на достапни јавни станови, пренесе „Асошиејтед прес“.

Едно од главните барања е и повлекување на предлог-законот за измени во правилата за изнајмување станови. Со предложените измени се предвидува поголема флексибилност во договорите за закуп и забрзување на процедурите за иселување, што, според организаторите, може дополнително да ја влоши положбата на станарите.

Платформата „Дом за живеење“, која обединува околу 100 здруженија и локални организации, бара и построга регулација на договорите за закуп, празните недвижности и краткорочните туристички изнајмувања, како и мерки против шпекулациите на пазарот на недвижности.

Незадоволството се интензивираше по владините најави за промена на законодавството за закуп на станови. Активистите предупредуваат дека предложените измени би можеле да ја намалат заштитата на закупците во услови на растечки станарини и сè помала достапност на станови.

Во меѓувреме, претседателот на Португалија, Антонио Жозе Сегура, вчера одржа средба со активистите за домување. Тие упатија повик и до премиерот Луис Монтенегро лично да се вклучи во разговорите за надминување на кризата.