Фото: Маја Јаневска-Илиева

Институт за Јавно Здравје (ИЈЗ) утрово соопшти дека кај еден пациент е детектиран новиот подсој на омикрон познат како „кракен“.

– Кај еден примерок, од вкупно 32, е детектирана XББ.1.5 омикрон сублинијата позната како „кракен“. Пациентот кај кој е детектирана новата сублинија е од Гевгелија, а примерокот е земен на 11.1.2023 година – соопшти ИЗЈ.

ИЗЈ додава дека 32 примерока се позитивни на САРС-ЦоВ-2, а селектираните примероци биле од месеците декември 2022 година и јануари 2023 година.

– Кај 8 примероци е детектирана БА.2 сублинијата на омикрон-сојот. Кај останатите 23 САРС-ЦоВ-2 примероци е детектирана ВА.5 сублинијата на Омикрон – додава Институтот.

Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски во врска со сојот кракен, во четвртокот изјави дека сите податоци што досега ги имаат укажуваат дека повторно се работи за една варијанта која предизвикува благи симптоми и не се очекува неговото ширење драстично да го оптовари здравствениот систем.

Тој тврди дека нема простор за загриженост помеѓу граѓаните.

Според д-р Петличковски, епидемиолошката состојба во земјата е стабилна, а сезоната на инфлуенца започна пред две недели и би требало да трае седум – осум недели.