Фото: „Нова Македонија“

Стружани и годинава ѝ се верни на традицијата

Традиционално и оваа година, на 7 мај во Струга, ќе се одржи сенародната Струшка еордија (литија) со моштите на Свети Георгиј Победоносец, неговата чудотворна икона, како и Крнинската чудотворна икона на Богородица, дел од најголемото торжество по кое државата е истакната во целиот свет. И годинава присутни ќе бидат локалното свештенство, братството и сестринствата од манастирите Бигорски, Рајчица и Пречиста, голем број верници и добронамерници од земјава и од странство.
Старешината на храмот „Свети Георгиј Победоносец“, свештеникот Васко Голабоски, информира дека стружани, без оглед на својата национална и верска припадност, деновиве се обединети околу ова големо чествување на Свети Георгиј.
– И младите и повозрасните го даваат својот значаен придонес за да може што подостоинствено да се прослави настанот по кој нашиот град стана препознатлив во целиот свет. Чест ни е да го поканиме целиот народ да учествува во најсвеченото чествување на Свети Георгиј на овие простори, чии свети мошти и чудотворна икона, како и Крнинската чудотворна икона на мајката божја се значајно обележје на свој сенароден настан – истакна отец Голабоски, кој е дел од организацискиот одбор на Струшката еордија.
Литијата ќе тргне од храмот на светителот, ќе поминува низ централните градски улици, од другата страна на кејот на реката Црн Дрим, низ чаршијата и повторно ќе се врати во црквата.
Верниците и сите добронамерници, како што посочи отец Васко Голабоски, ќе се движат по гардата, а оние што не можат да се вклучат во литијата поради многубројниот народ, ќе останат на двете страни од улиците и заедно со дечињата облечени во народна носија ќе ги поздравуваат моштите со зборовите „Христос воскресна! Навистина воскресна!“. П.Р.