КОШАРКА
- Македонија ја пречекува селекцијата на Кипар в четврток во Скопје, во дуел од втората рунда претквалификации за пласман на ЕП 2029. Црвено-жолтите во првата квалификациска рунда остварија максимални шест победи во групата со Луксембург, Република Ирска и со Азербејџан, а победничката низа продолжи и во втората квалификациска рунда, со триумфот на гости со Австрија, во август
Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Жозеп Марија Берокал, го објави списокот со кошаркари на кои ќе смета за претстојниот натпревар со Кипар, со кој продолжува втората фаза од претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2029 година. Според календарот на натпреварување, црвено-жолтите во ноември ќе одиграат еден дуел во групата Ф, в четврток (од 18 часот), во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје. Подготовките на репрезентацијата ќе почнат в понеделник.
Македонија во првата квалификациска рунда беше победник на групата А, со максимални шест победи, во група со Луксембург, Република Ирска и со Азербејџан, а победничката низа продолжи и во втората квалификациска рунда, со триумфот на гости кај селекцијата на Австрија, со 91-59, во меч одигран во август годинава. Во истата група, исто така во август, Кипар на свој терен ја победи Австрија со 77-72. Во ноември ќе биде одигран уште еден натпревар, Австрија – Кипар, идната недела. Оваа квалификациска рунда ќе биде заокружена во февруари в година, со натпреварите Македонија – Австрија и Кипар – Македонија.
Првопласираните репрезентации во секоја од четирите групи ќе се пласираат во квалификациите за континенталното првенство, а другите осум селекции ќе играат во третата претквалификациска рунда. Директен пласман во квалификациите обезбедија Естонија, Грција, Словенија и Шпанија како домаќини на Европското првенство во 2029 година, како и селекциите според пласманот на Светското првенство во 2027 година, БиХ, Хрватска, Финска, Франција, Грузија, Германија, Унгарија, Исланд, Израел, Италија, Летонија, Литванија, Црна Гора, Холандија, Полска, Португалија, Србија, Шведска, Турција и Украина. Во квалификациите вкупно ќе играат 32 селекции, а на ЕП ќе настапат 24 репрезентации.
Селекторот Берокал и неговиот стручен штаб за оваа средба в четврток ги повикаа Ненад Димитријевиќ, Виктор Ташовски, Виктор Ефремовски, Војдан Стојановски, Лука Стојановски, Адем Мекиќ, Стојан Ѓуроски, Лејсон Зеќири, Валмир Какруки, Резарт Мемед, Тома Стојаноски, Андреј Маслинко, Петар Бошалески, Андреј Андоноски и Мозес Рајт, објави Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). Н.М.
ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ
ЗА ЕП 2029
Македонија – Кипар 26.11
Австрија – Кипар 29.11
ТАБЕЛА
Македонија 1 1 0 91-59 2
Кипар 1 1 0 77-72 2
Австрија 2 0 2 131-168 2

































