Фото: „Нова Македонија“

Амбасадата на Франција се запозна со написот објавен на насловната страница на изданието на „Нова Македонија“ од 14 ноември, насловен „Македонија референдумски ПРОТИВ францускиот предлог“. Амбасадата на Франција уште еднаш изразува жалење поради начинот на кој систематски пристрасно се претставува компромисот постигнат во 2022 година меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија. Тоа што овој компромис не му е по волја на дел од населението, или што дел од населението го отфрла, е составен дел од демократскиот живот на една нација. Меѓутоа, тоа што и повеќе од четири години по неговото одобрување од страна на македонските власти и Европската Унија тој сѐ уште се претставува како „француски предлог“ не одговара на реалноста и може да поттикне анимозитет кон Франција. Амбасадата на Франција, најпосле, најсериозно жали поради изборот на фотографијата со која е илустриран написот, како и поради неговиот наслов. Поврзувањето на споменот на француските војници загинати во Првата светска војна со отфрлањето на компромисот од 2022 година претставува крајно жалосна навреда кон сеќавањето на оние што со својот живот ги платија одбраната на мирот и ослободувањето на територијата на она што подоцна стана Република Северна Македонија. Ова е уште понеприфатливо во овој период, кога се одбележува крајот на тој крвав конфликт. Франција и понатаму ќе дава целосна поддршка на процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, во рамките на европскиот компромис од јули 2022 година, онака како што беше прифатен од македонските власти.


Редакцијата на „Нова Македонија“ ги отфрла неоснованите забелешки на Амбасадата на Франција

Идентитетските и другите врховни и универзални права не се прашања на компромис!

Писмото на Амбасадата го прочитавме со должно внимание и сериозност, но не можеме да ги прифатиме оцените дека нашиот напис е резултат на систематска пристрасност, ниту дека насловот и фотографијата претставуваат навреда кон Франција и кон сеќавањето на нејзините загинати војници. Таквите квалификации за извртување на вистинската содржина и пораката на објавениот напис и не соодветствуваат со вистинската состојба.
Базирајќи се на јасни професионални новинарско-редакциски принципи, вклучувајќи ги и правните принципи втемелени на врховни перемпторни правила и принципи (јус когенс и правото на самоопределување и интегритет), за нас прашањето не е дали некој политички договор се нарекува „компромис“, туку дали неговата содржина и форма се во согласност со демократски изразените ставови на македонската нација и со Уставот и законите, а пред сѐ дали тој акт е во согласност со меѓународното право. Ноторен факт е дека со тој акт се нарушува сувереното право на еден народ да остане тоа што всушност е! Правото за нарекување Македонци не е само прашање на внатрешното право туку е и прашање на највисоките перемпторни обичајни норми, јус когенс правила и принципи посилни од диспозитивното право. Тие норми се над нормите содржани во меѓународните договори, конвенции и „компромиси“. А со овој „компромис“, нормите и принципите на споменатото јус когенс-врховно право се дерогирани.
Затоа нашата позиција е легална, праведна, во согласност со силата на внатрешното и меѓународното право, и со тоа непристрасна.
Натаму, во однос на називот „француски предлог“… Имено, суштината воопшто не е во тоа дали ќе се нарекува „француски“ или „бугарски“ или „европски“ предлог, туку дали е тој демократски и праведен и дали тој има меѓународно-правен основ. А тој предлог ги нема овие два фундаментални столба! Впрочем, и претседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова, неодамна потврди дека Франција учествувала во подготовката на предлогот, заедно со бугарски претставници. Употребата на терминот „француски предлог“ апсолутно нема навредлива содржина, ниту претставува обид да ѝ се припише на Франција одговорност за сите политички последици од процесот. Уште помалку може да се прифати вашата теза дека „самата негова употреба поттикнува анимозитет кон француската држава и народ“ и дека со изборот на фотографијата за статијата сме сакале да го поврземе споменот на загинатите француски војници со навреда или со отфрлање на нивната жртва. Напротив! Нашата порака беше да ја изразиме почитта кон францускиот народ, која ја изразуваме во целиот период на македонската нова историја, како и постојано во минатото. На фотографијата го има француското знаме исто онака како што по трагедијата во „Шарли Ебдо“ ние први во Македонија го поставивме француското знаме на јарболите пред редакцијата, во знак на поддршка на граѓаните на Франција. Затоа со фотографијата на насловната страница на „Нова Македонија“ нема анимозитет, туку почитување на гробовите на француските војници и спомен и почит на жртвите што ги дал францускиот народ. Грижата за гробовите на загинатите војници е показател за демократскиот и цивилизацискиот капацитет на македонскиот народ, што и ние како новинари го почитуваме. Ние ги почитуваме жртвите што ги дал францускиот народ. Тие гробови се и потсетник на еден историски сложен и крвав период во кој Македонија и Македонците исто така беа жртви.
Франција за нас била пример за демократија и претставува демократска колепка. Во темелите врз кои се изгради современа Европа – Европа на мирот, демократијата, слободите и победата над фашизмот – се вградени и жртвите на францускиот народ и на македонскиот народ. „Нова Македонија“ ги почитува и негува пријателските односи меѓу македонскиот и францускиот народ, а пријателството подразбира поддршка и помагање.
Со професионален и пријателски поздрав ја завршуваме оваа реакција со уверување за почитување на вредностите на Француската револуција – слобода, еднаквост, братство (Liberté, Égalité, Fraternité), кои се универзални вредности, токму исто онака како и принципите на јус когенс за правото на самоопределување и интегритетот и правна и суверена еднаквост. Тие се принципите што треба да нè обединуваат и што мора да важат за сите. Нашите надежи и уверувања се дека токму овие принципи биле и ќе останат оние што ги обединуваат нашите два народа.

Редакција „Нова Македонија“