Протестите што на 2 јануари избувнаа во Казахстан, брзо се претворија во нереди во сите поголеми градови во земјата. Што сакаат демонстрантите и каков ќе биде исходот од најжестоките граѓански немири од осамостојувањето на државата во 1991 година? Иако првичен повод беше удвојувањето на цените на горивата, демонстрантите набргу побараа распуштање на парламентот и нови избори. Освен тоа, тие побараа поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев засекогаш да ја напушти политичката сцена.
Назарбаев, кој беше лидер на државата во првите 30 години од независноста, во 2019 година се откажа од претседателската функција, но не пред себеси да се прогласи за „лидер на нацијата“, обезбедувајќи ја на тој начин својата цврста контрола врз државната политика. Демонстрантите ја срушија неговата статуа во Талдикорган, главниот град на регионот Алмати, извикувајќи „Шал кет!“ (Старецу, оди си!). Од 7 јануари досега, во судирите загинаа десетици лица за спроведување на законот и демонстранти, а наследникот на Назарбаев, претседателот Касим-Јомарт Токаев прогласи вонредна состојба и побара помош од Кремљ.
Рускиот претседател Владимир Путин веднаш одговори на барањето, распоредувајќи руски војници како помош во задушувањето на демонстрациите. Токаев им даде дозвола на безбедносните сили „да пукаат без предупредување“ врз демонстрантите.
Имајќи предвид дека условите на теренот се менуваат од час на час, прерано е да се прогнозира исходот на конфронтацијата. Сепак, уште сега може да се излезе со одредени прелиминарни заклучоци.
Како прво, очигледно е дека властите ги фати паника откако започнаа протестите. Како поинаку да се протолкува избезумениот повик на Токаев за влез на странски трупи во земјата, кои треба да воведат ред? Наместо да ги препознае протестите како гневен – и предвидлив – одговор на владините политики, тој го повика сеништето на надворешниот агресор.
Токаев излезе со тврдење дека демонстрантите биле на сериозна обука надвор од земјата. Во својот апел до членките на Организацијата на договорот за колективна безбедност (ЦСТО), тој инсистираше дека неговата влада има потреба од помош за справување со „терористичката закана“. Но мотивот за обраќање до ЦСТО останува непознат: Зошто некоја друга земја би се трудела да понуди „сериозна обука“ за „бандитски формации“, со кои би го нарушила поредокот во регионалните центри на Казахстан?
Со повикувањето на Путин, Токаев направи ризичен потег. Што би се случило доколку руските падобранци почнат да ги „косат“ казахстанските жени и деца, или доколку руски воен хеликоптер се урне во некоја од густо населените области? Ваков настан би ја продлабочил кризата, како и опсегот на руската интервенција. Во суштина, тешко е да се сфати како присуството на „мировниците“ од ЦСТО би можело да направи што било друго, освен да ја разгори ситуацијата и да ги разбуди антируските и националистичките тенденции во Казахстан?
Очигледно е дека вистинскиот проблем лежи во надлежноста и легитимноста на Владата. Со добро обучена полиција и безбедносни сили, како и со комплетно опремена армија, зошто власта не можеше сама да се справи со протестите? Најверојатно можела да го направи тоа. Но барајќи помош од Путин, Токаев се надева дека ќе ја обликува внатрешната ситуација на начини што ќе го зацврстат неговото владеење наспроти противничките фракции. Очигледно е дека Токаев е навистина загрижен, бидејќи нареди притвор за Карим Масимов, поранешен претседател на Комитетот за национална безбедност, под изговор дека постои сомнеж дека извршил предавство.
Иако првично протестите и митинзите беа релативно мирни и се состоеја од млади луѓе, на 4 јануари се појавија организирани групи и почнаа со запленување магацини и оружје. Официјален став на Владата е дека овие групи всушност се странски платеници; меѓутоа, ова тврдење не држи вода. Бидејќи Казахстан е сосед на мојата татковина, од прва рака знам дека поседува ефикасна гранична служба. Идејата дека неколку илјади странци би можеле одеднаш и незабележано да се појават во земјата е чиста бесмислица.
Многу поверојатно е дека овие квазивоени групации добиле специјална обука и финансии од локалните олигарси, кои настојуваат настаните да ги свртат во своја корист. Според одредени поранешни казахстански функционери, со кои лично комуницирав, оваа поддршка делумно доаѓа дури и од функционери што се дел од актуелната власт. Јермухамет Јертисбаев, поранешен министер за информации и поранешен советник на Назарбаев, неодамна призна дека „Комитетот за национална безбедност на Казахстан со години криел информации околу камповите за обука на милитанти во земјата“. Постојат основани гласини дека семејството Назарбаев, кое беше срушено од власт за време на протестите, се обидува да ги искористи овие воени групи за да го поврати своето влијание.
Наводно, овие олигарси сакаат да мобилизираат паравоени групи, со цел да влијаат на изборите. Нивните подготовки често се одвиваат под закрила на „спортски клубови“, спонзорирани од страна на олигарсите, во кои младите луѓе се собираат, тренираат и добиваат парични надоместоци во готовина. (Слични шеми може да се најдат и во мојата земја).
Овие неформални групи веќе со години ги продлабочуваат своите корени во Казахстан, а се чини дека актуелнава криза ги катапултираше на површина. Неколку личности од организираниот криминал „неочекувано“ се вратија дома од странство. Според казахстанското министерство за внатрешни работи, „шест члена на организираната криминална група, предводена од Дики (Дивиот) Арман Џумагелдиев, беа приведени во текот на специјалната операција на полициската управа во Алмати“.
Знаеме дека овие „законски крадци“ – типичен феномен во политиката по распадот на СССР – поседуваат вистински авторитет, особено меѓу невработената младина. Оттука, вистинското прашање гласи: „На чии интереси им служат овие луѓе?“
Доколку безредијата и понасилните форми на протест навистина се разгорувани од овие групи во сенка, едноставно не постои никаква правна основа за влез на трупи на ЦСТО во Казахстан. Она што првично започна како социо економски протест, брзо прерасна во хаотична битка за политичко влијание на олигарсите. А со оглед на тоа што демонстрациите не беа водени од организирана опозиција, туку од обични граѓани, на властите им одговара да ги отфрлат учесниците, нарекувајќи ги опортунистички бандити, силеџии и арамии, наместо да побараат решение по пат на дијалог со нив. Меѓутоа, јас верувам дека Казахстан наскоро ќе стане земја во која нема простор за корупција, авторитаризам и непотизам. Народот во Казахстан нема повеќе да го дозволи тоа.
Џомарт Оторбаев беше премиер на Киргистан во 2014-2015 година