Фото: Маја Јаневска Илиева

Со свеченост во кругот на Министерството за внатрешни работи денеска беше одбележан 7 Мај – Денот на македонската полиција, при што министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека силата на државата се мери преку силата и функционалноста на нејзините институции.

Тошковски истакна дека во време на сложени безбедносни предизвици, улогата на полицијата е клучна за сигурноста и довербата на граѓаните. Според него, во изминатиот период државата покажала сериозен капацитет во справувањето со криминалот, при што вкупниот криминалитет бил намален за повеќе од шест проценти.

– Сузбиени се 16 организирани криминални групи во кои дејствувале 205 лица – истакна министерот, додавајќи дека биле реализирани и значајни антикорупциски постапки, вклучително и случаи од висок профил.

Во делот на модернизацијата, министерот информираше дека се реновирани управните служби во Скопје, отворени се осум нови управни служби низ државата, а се воведуваат и дигитални решенија за побрзи услуги за граѓаните.

Тој најави и нови инфраструктурни проекти, меѓу кои нова полициска станица во населбата Аеродром, како и веќе пуштениот во употреба полициски објект во Бутел. По повеќе од 15 години, набавени се и 120 нови службени возила, а годинава започнува со работа и Средното полициско училиште.

Посебен акцент беше ставен на безбедноста во сообраќајот и проектот „Безбеден град“, кој, според министерот, веќе дава конкретни резултати со намалување на прекршоците и бројот на жртви.

– Безбедноста е предуслов за нормално функционирање и развој на секое општество. Кога има безбедност, има доверба, има инвестиции, има слобода и има простор државата да оди напред – рече Тошковски.

Во своето обраќање, министерот истакна дека 7 Мај е ден посветен на сите полициски службеници кои секојдневно, одговорно и професионално стојат во заштита на безбедноста на граѓаните, а упати и почит кон загинатите припадници на полицијата, нагласувајќи дека нивната жртва претставува трајна обврска за институцијата.

На свеченоста се обрати и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев кој порача дека борбата против криминалот мора да биде системска и бескомпромисна.

 – Криминалот денес е технолошки напреден, адаптивен и агресивен, но државата води одлучна борба против криминалните структури – истакна Јанев.

Тој нагласи дека полициските службеници се „тивката сила на државата“ и дека довербата на граѓаните директно зависи од нивната професионалност и одговорност.

На крајот од свеченоста беа доделени награди и признанија за најдобрите полициски службеници од повеќе сектори во МВР.