Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата секојдневно ја следи економската состојба и посочи дека, според оценките на Меѓународниот монетарен фонд, државата е меѓу првите три во Европа според обемот на применетите мерки во однос на бруто домашниот производ.
Говорејќи по Германско-македонскиот самит во Скопје, Мицкоски рече дека Владата работи над своите моментални можности, имајќи ја предвид, како што наведе, „испразнетата и ограбена државна каса“ наследена од минатото.
– Добро би било за сè да сме вака во Европа како што сме во мерките, тогаш ќе бевме во многу поинаква состојба – изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека инфлацијата во земјава се движи во рамки на владините очекувања и е слична на онаа во земјите од регионот.
– Очекувам годишната инфлација да биде меѓу 5 и 6 проценти, слично како во Бугарија, Хрватска и Грција. Основните прехранбени производи имаат помал раст од вкупната инфлација, додека најголемите отстапувања се кај транспортните услуги и билетите на нискобуџетните авиокомпании – посочи премиерот.
Според него, со намалувањето на цените на нафтата и нафтените деривати се очекува стабилизирање и на транспортниот сектор.
Осврнувајќи се на Германско-македонскиот самит, Мицкоски оцени дека настанот претставува дополнителна вредност во односите меѓу македонската и германската бизнис-заедница.
– Германија за нас не е само бизнис-партнер, туку и стратешки партнер – нагласи тој.
Премиерот посочи дека Владата е насочена кон поддршка на бизнисот и додаде дека економските показатели за првиот квартал од годинава покажуваат позитивни резултати и покрај глобалните економски и геополитички предизвици.
Според него, извозот расте три и пол пати побрзо од увозот, а трговскиот дефицит во првиот квартал е намален за околу 55 до 56 милиони евра во споредба со истиот период лани.
Мицкоски истакна дека германските компании вработуваат илјадници македонски граѓани и претставуваат важна поддршка за домашната економија, при што Владата ќе продолжи да работи на унапредување на билатералната економска соработка.































