Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКИ КУПОВИ

  • Англија сезонава има финалисти во сите три актуелни европски купа. Во 1990 година Италија имаше победници во сите три тогашни континентални клупски натпреварувања

Англија ја потврди клупската доминација сезонава и ќе има финалисти во секој од трите европски фудбалски купа. Така, по Арсенал во Лигата на шампионите (ЛШ), во четвртокот свое место во мечевите за европски трофеи обезбедија и Астон вила во Лига Европа и Кристал палас во Конференциската лига. Англија сезонава ја почна со рекордни шест тима во ЛШ (сите се пласираа во нокаут-рундите) и вкупно девет во сите три натпреварувања (два во Лига Европа и еден во Конференциската лига).
Ваков успех со финалисти во сите три актуелни клупски натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА) прва оствари Шпанија, во сезоната 1985/1986, кога во тогашниот Куп на шампионите, сега Лига на шампионите, играше Барселона, во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК, престана да се игра во 1999 година, кога се спои со тогашниот Куп на УЕФА, натпреварување што сега се игра под името Лига Европа) настапи Атлетико Мадрид, а во мечот за трофејот во Купот на УЕФА играше Реал Мадрид, кој единствен од тие три шпански тима победи во финале во таа сезона.
Четири сезони подоцна Италија имаше клубови во сите три европски финалиња, но и три победници, откако во 1990 година во Купот на шампионите славеше Милан, во КПК победи Сампдорија, а во Купот на УЕФА триумфира Јувентус.
Сезонава Англија се израмни со Шпанија и има шанса да го израмни рекордот на Италија. Англија во сезоната 2018/2019, пак, постави друг рекорд, кога во тогашните два купа (Конференциската лига уште не се играше) имаше четири финалисти, и тоа Ливерпул и Тотенхем во Лигата на шампионите и Челси и Арсенал во Лига Европа. Италија, пак, во сезоната 2022/2023, во ерата на актуелните три купа на УЕФА, прва имаше финалисти во секое од тие три натпреварувања, и тоа Интер (Лига на шампионите), Рома (Лига Европа) и Фиорентина (Конференциска лига).
Вкупно сезонава во финалињата се застапени четири земји, и тоа Англија со три тима, а по еден претставник имаат Франција, Германија и Шпанија. Н.М.


Истите земји како и лани обезбедија дополнителни места во ЛШ

И Шпанија ќе има еден тим повеќе во идната сезона во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). На збирната табела на Европската фудбалска унија (УЕФА) Англија одамна го обезбеди првото место, а второто завчера го осигура Шпанија, па тие две земји, според правилата на УЕФА, добиваат по едно дополнително место во идната сезона во ЛШ. Англија и Шпанија беа на првите две места и лани, па во ЛШ сезонава настапија петтопласираните во домашните првенства, Њукасл, односно Вилјареал. Од сезоната 2024/2025 УЕФА доделува дополнителни места на двете земји чии екипи имаат најдобар вкупен резултат во трите европски купови во претходната сезона. Тие места во првата сезона ги освоија Борусија Дортмунд од Германија и Болоња од Италија. Н.М.


Премиер-лигата пак може да има шест тима во Лигата на шампионите

Англија може и во идната сезона да има шест тима во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Сезонава во најсилното европско клупско натпреварување настапија рекорден број екипи од Англија, и тоа Арсенал, Манчестер сити, Ливерпул, Челси, Тотенхем и Њукасл (сите се пласираа во нокаут-рундите). За идната сезона обезбеден пласман во ЛШ имаат Арсенал, Манчестер сити и Манчестер јунајтед, како и екипите на четвртото и на петтото место. Сепак, има можност и за шести тим, а за тоа услов е Астон вила да го освои трофејот во Лига Европа и да биде петта во Премиер-лигата, со што и шестопласираната екипа на табелата во првенството на Англија ќе се пласира во Лигата на шампионите. Германија, пак, за идната сезона има четири места, но може да добие и петти учесник, ако Фрајбург ја освои Лига Европа. Во моментов од германските тимови обезбедено место во ЛШ имаат Баерн и Борусија Дортмунд, а за уште двете места се тркаат Лајпциг, Баер, Штутгарт и Хофенхајм. Н.М.


МЕЧЕВИ ЗА ТРОФЕИТЕ СЕЗОНАВА ВО ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ

Лига Европа (финале во Истанбул)
Фрајбург (Германија) – Астон вила (Англија) 20 мај
Конференциска лига (финале во Лајпциг)
Кристал палас (Англија) – Рајо Валјекано (Шпанија) 27 мај
Лига на шампионите (финале во Будимпешта)
Пари сен Жермен (Франција) – Арсенал (Англија) 30 мај


Унаи Емери е во уште едно финале

Четирикратниот победник на Лига Европа, Унаи Емери, во четвртокот го обезбеди неверојатното шесто финале како тренер во тоа европско фудбалско натпреварувањето, кога неговиот тим Астон вила го победи Нотингем форест во реваншот од полуфиналето. Шпанскиот тренер трипати победи во Лига Европа со Севиља (во 2014, 2015 и во 2016 година) и еднаш со Вилјареал (2021 г.) и има финале со Арсенал (2019 г.), што заслужено му го донесе епитетот „господин Лига Европа“ од некои навивачи и медиуми, пишува агенцијата „Ројтерс“.
– Неговиот успех зборува сам за себе. Сега треба да одиме и да победиме – рече напаѓачот на Астон вила, Оли Воткинс. Н.М.