Фото: Игор Бансколиев

По нецели две години од почетокот на пандемијата на коронавирусот и среде актуелниот бран на сојот омикрон, во светската и домашната јавност се навестуваат одредени сигнали дека се ближи крајот на здравствената криза.
Ханс Клуге, регионален директор на Светската здравствена организација (СЗО) одговорен за Европа, изјави дека веродостојно е дека Европа „се движи кон крајна фаза на пандемијата“. Кога ќе стивне сегашниот бран на омикрон во Европа, како што вели тој, ќе има имунитет на коронавирусот „неколку недели и месеци“ или „благодарение на вакцинацијата или затоа што луѓето имаат имунитет поради инфекција“.
На тоа, како што наведува Клуге, треба да се додадат и сезонските ефекти, мислејќи притоа на претстојните пролет и лето.
Според процените на СЗО, 60 отсто од сите луѓе во Европа би можеле да бидат заразени со варијантата омикрон до март. Овој сој е многу заразен, но, според досегашните сознанија, по правило, предизвикува помал тек на болеста од претходните варијанти на коронавирусот.
Во меѓувреме, на домашно поле битката со вирусот и натаму ја губат многу наши сограѓани, а само во изминативе седум дена од ковид-19 починаа околу сто лица.
Во екот на најновиот бран, кога омикрон стана доминантен во земјава, докторите најавуваат дека се ближи крајот на пандемијата, која наскоро ќе помине во ендемија.
Според докторот и микробиолог Никола Пановски, омикрон би значел крај на пандемијата.

– Многу побрзо се шири и, оттука, можам да заклучам дека тоа ќе значи крај на пандемијата. Во тоа можеме да бидеме сигурни. Сето тоа би довело до завршување, бидејќи нема кој да се скрие. Тие што се работоспособни, децата, учениците, сите ќе дојдат во контакт со вирусот, и вакцинирани и невакцинирани. Тоа што не го знаеме е какви ќе бидат последиците – вели Пановски.
За заштита од овој сој, според него, и натаму остануваат мерките како носење заштитна маска, избегнување простории со многу народ, зачестена хигиена.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека омикрон, кој пламна како шумски пожар, како и секоја огнена стихија, почна да се задушува сам во себе. Неговите прогнози се дека до крајот на февруари, омикрон ќе спласне и ќе се одржува на ендемично ниво некое време… Според Даниловски, понатаму сѐ ќе се сведе на повремени случаи и ќе го имаме меѓу нас како што го има сезонскиот грип.
Професорот и доктор Нико Беќаровски вели дека сите релевантни и независни укажувања сугерираат дека омикрон е со многу послаби симптоми и шансите да се заврши во болница се околу 80 проценти помали од варијантата делта, но е неизвесно да се предвиди развојот на состојбите.

[email protected]