Целосното и навремено членство на земјите од Западен Балкан во Европската Унија е од клучно значење за безбедноста, стабилноста и економскиот развој на регионот. Процесот на пристапување треба да се темели на објективни и предвидливи критериуми, како и на конкретните резултати од спроведените реформи. Ова е наведено во заедничката декларација усвоена на денешниот состанок на лидерите од Процесот Брдо-Бриони во Охрид.
Во декларацијата, лидерите ја потврдија поддршката за европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, оценувајќи дека проширувањето е во интерес и на регионот и на Европската Унија, а сè повеќе се препознава и како геополитичка неопходност.
Посебно се нагласува дека напредокот на секоја земја кандидат треба да се вреднува индивидуално, врз основа на исполнувањето на утврдените критериуми и постигнатите резултати во спроведувањето на реформите.
Лидерите потенцираат дека обврските што произлегуваат од европското законодавство и меѓународните договори мора доследно да се почитуваат и спроведуваат, особено во областа на владеењето на правото. Одлуките за натамошниот тек на пристапните преговори, според декларацијата, треба да се засноваат на овие принципи и на Копенхашките критериуми.
Во документот се истакнува и важноста на Планот за раст на ЕУ, кој се препознава како значаен инструмент за економска интеграција и поддршка на реформските процеси. Лидерите ги повикаа земјите кандидати целосно да ги искористат средствата што им се ставени на располагање.
Дополнително, се бара забрзување на инвестициите во одржлива транспортна, енергетска и дигитална инфраструктура, со цел подобро поврзување на земјите од регионот меѓусебно, но и со Европската Унија.
Во заедничката изјава се потенцира дека Западен Балкан не треба да се третира како група трети земји, туку како составен дел од европските инфраструктурни мрежи, економската интеграција и идниот развој на Европа.
Лидерите се осврнаа и на потребата од поголемо вклучување на младите во Процесот Брдо-Бриони, како и на прашањата што директно ги засегаат. Ја поздравија и соработката меѓу директорите на агенциите за вработување, оценувајќи дека постои простор за нејзино натамошно унапредување.































