Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Започна оперативната реализација на Акцискиот план за заловување, собирање и одземање на говедата во Општина Крива Паланка, кои се опфатени со правосилни решенија. Планот предвидува ветеринарно-здравствена контрола, транспорт и привремено сместување на животните.

На денешниот состанок на Координативниот штаб во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство биле утврдени конкретните активности, задолженијата на институциите, потребните човечки и технички ресурси, како и логистиката за спроведување на акцијата.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, истакнал дека воспоставената институционална координација треба да овозможи системско решавање на долгогодишниот проблем со добитокот во Крива Паланка.

– Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски – посочил Серафимовски.

Како следен чекор е предвидено мапирање на локациите на кои се наоѓа добитокот. Ќе се утврдуваат бројноста на животните, нивната распространетост и пристапноста на теренот, по што ќе се организираат следните активности за нивно заловување и транспорт.

Од Министерството информираат дека во почетната фаза одземениот добиток треба да биде примопредаден на Казнено-поправниот дом Идризово и Казнено-поправниот дом Прилеп.

Се разгледува и можноста дел од животните, во согласност со законските прописи, да бидат отстапени на здруженија на сточари и млади сточари.

Во спроведувањето на Акцискиот план се вклучени повеќе институции, меѓу кои Министерството за земјоделство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена.