Фото: Принтскрин

Претседателот на Советот на ЕУ Антонио Кошта денеска преку видео порака го честита Денот на Европа на македонските граѓани, наведувајќи дека иднината на земјава е во Европската Унија, пренесе МИА.

-Почитувани граѓани на Северна Македонија, денеска ви се обраќам како на идни членови на Европската Унија. На Денот на Европа го славиме нашиот заеднички европски потфат – моментот кога земјите основачки избраа единство наместо поделба и соработка наместо конфликт. Одлучија да изградат иднина заснована на мир, слобода и просперитет врз пепелта од Втората светска војна – наведува Кошта во пораката.

Тој изразува уверување дека иднината на земјава е во ЕУ.

-Веруваме дека вашата иднина е во Европската Унија. Се вложува огромен труд за таа визија да стане реалност. Вашата земја е кандидат за членство во Европската Унија веќе многу години. Време е да се направи чекор напред. Заедно ќе изградиме заедничка европска иднина. Да живее Европа – наведува Кошта во видео обраќањето до македонските граѓани по повод Денот на Европа.