Фото: Принтскрин

Коалицијата ВРЕДИ вечерва во Скопје официјално се трансформираше во единствен политички субјект, на Конгрес на кој присуствуваа околу 850 делегати. Лидерите на новоформираната партија порачаа дека станува збор за политичко обединување кое има цел да донесе нов пристап во застапувањето на интересите на Албанците во земјава и да ја зацврсти европската ориентација на државата, пренесе МИА.

Ко-претседателот на ВРЕДИ и градоначалник на Чаир, Изет Меџити, истакна дека обединувањето било неопходно за да се надмине, како што рече, долгогодишниот период на политичка стагнација и институционални скандали.

– Ова не беше лесен, туку неопходен сојуз. Се обединивме околу идејата да се отвори ново поглавје за Албанците во Северна Македонија и да се стави крај на политиките што создаваа поделби и недоверба – порача Меџити.

Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, нагласи дека ВРЕДИ останува цврсто посветена на европската интеграција.

– Европската интеграција нема алтернатива. Ова е процес што бара кредибилни институции, одговорност и постојана работа во интерес на граѓаните – истакна Сали.

Тој додаде дека новата партија ќе се фокусира на теренска организација, вклучување на млади и професионалци и зајакнување на локалната самоуправа.

Ко-претседателот на ВРЕДИ и градоначалник на Тетово, Билал Касами, оцени дека ВРЕДИ претставува нов модел на политичко дејствување.

– На Албанците им е потребна политика што создава, планира и работи долгорочно. Веруваме во чесна работа, силни институции, еднаква правда и зачувување на идентитетот и традицијата – рече Касами.

На Конгресот присуствуваше и косовскиот премиер Албин Курти, кој порача дека обединувањето на ВРЕДИ има силна симболика бидејќи се случува на Денот на Европа.

– Европската Унија е изградена врз вредностите на мирот, демократијата и антифашизмот. Тоа е порака што е особено важна за Балканот – рече Курти.

Поддршка за новиот политички субјект изразија и претставници од Албанија и Прешево, кои оценија дека политичкото обединување на Албанците во регионот претставува значаен чекор кон поголема политичка стабилност и соработка.