Претседателката Гордана Силјановска-Давкова по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа порача дека македонскиот народ бил на вистинската, антифашистичка страна на историјата и дека денес постои обврска да се спротивставиме на секој облик на фашизам и слични идеологии.
Во објава на својот Фејсбук профил, претседателката истакна дека 9 Мај е двоен празник за државата, симбол на победата над фашизмот и потсетник на европските вредности.
– Илјадници македонски партизани, млади и стари, мажи и жени, селани, работници и интелектуалци, се приклучија на Народноослободителната борба решени да се изборат за слобода и за самостојна македонска држава – наведе Силјановска-Давкова.
Таа потсети дека околу 25.000 борци ги загубиле животите во борбата, а по капитулацијата на нацистичка Германија на 9 Мај 1945 година, македонската војска броела над 110.000 борци.
Претседателката се осврна и на трагедијата на македонските Евреи, посочувајќи дека од предвоената еврејска заедница во Скопје, Битола и Штип, повеќе од 7.000 луѓе биле депортирани во логорот Треблинка, од каде речиси никој не се вратил.
– Исчезнаа цели семејства и генерации, но останаа трајни спомени во колективната меморија – истакна таа.
Силјановска-Давкова нагласи дека слободата и државата не биле подарок, туку се изборени со жртви и затоа мора да се чуваат и бранат.
– Како природни и докажани Европјани, должни сме да го осудиме секој облик на фашизам, да веруваме во мирни решенија и да ги следиме вредностите на модерна Европа – порача претседателката.
Таа ја заврши пораката со повик жртвата на антифашистите никогаш да не биде заборавена.
































