Фото: РФМ

РАКОМЕТ

  • Селекторот Кирил Лазаров одбра 20 ракометари за мечевите идната недела со Словачка, за пласман на јубилејното 30. Светско првенство в година во Германија

Селекторот на сениорската репрезентација Кирил Лазаров го објави составот со 20 ракометари за престојните квалификациски натпревари со репрезентацијата на Словачка за пласман на Светското првенство (СП) в година во Германија. Македонија прво ќе гостува кај Словачка, во Прешов, в четврток, а реваншот е во Скопје, на 17 мај. Првиот собир на репрезентативците е утре.
Планетарниот шампионат во Германија ќе биде јубилеен, 30-ти. Новиот светски првак ќе обезбеди и учество на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес (САД) во 2028 година. Од Европа досега пласман на СП 2027 обезбедија домаќинот Германија и актуелниот светски шампион Данска, како и Хрватска, Исланд Португалија и Шведска според пласманот на Европското првенство (ЕП) годинава. Преку квалификациите идната недела пласман на Мундијалот ќе обезбедат уште 10 селекции.
Македонската репрезентација ќе игра за пласман на десеттото светско првенство, а осмо во низа и вкупно 16-то големо натпреварување по ред заедно со европските шампионати (серијата почна во 2012 година).
Состав: голмани: Мартин Томовски, Никола Митревски, Васил Гогов. Крила: Петар Атанасијевиќ, Иван Џонов, Ненад Костески, Александар Петковски. Бекови: Филип Кузмановски, Павле Атанасијевиќ, Марко Митев, Игор Ѓоргиев, Мартин Ивановски, Мартин Велковски, Филип Николов, Томислав Јагуриновски. Пивоти: Милан Лазаревски, Самоил Ристевски, Марко Стојковиќ, Валентин Карасманакис. Дефанзивец: Михаил Аларов. Н.М.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2027

Чешка – Франција 13 мај
Швајцарија – Италија 13 мај
Грција – Холандија 13 мај
Норвешка – Турција 13 мај
Австрија – Полска 13 мај
Словачка – Македонија 14 мај
БиХ – Фарски Острови 14 мај
Србија – Унгарија 14 мај
Црна Гора – Словенија 14 мај
Шпанија – Израел 15 мај
реваншите се на 16 и 17 мај