- Инспирацијата од најразвиената земја на светот и наш стратешки сојузник во заложбите за одржување и напредок на земјава не смее да остане само на зборови туку преку издржани политики треба да ни овозможи самите да го трасираме својот пат кон одржлива и подобра иднина на Македонија и на сите што живеат во неа
Најбогатиот човек на денешницата Илон Маск пред три месеца на неговата социјална мрежа Икс напиша дека компанијата „Антропик“ е зло што ја мрази западната цивилизација. А веќе неделава тој склучи стратешко партнерство со оваа лабораторија за вештачка интелигенција преку неговата компанија „Спејс екс“, согласувајќи се на довчерашниот ривал да му овозможи пристап до неговиот центар за податоци со вештачка интелигенција „Колосус 1“.
Промената на ставовите на Маск кон „Антропик“ што доведе до неочекувано сојузништво се должи на потребата за стекнување огромна компјутерска моќ и означува голем пресврт во трката за развој на вештачката интелигенција. А важен аспект на соработката претставува и визијата на Маск за изградба на центри за обработка на податоци во вселената.
Високотехнолошката соработка одново го нагласува значењето на модерните технологии што налага репозиционирање на националните економии кон модели поттикнати од иновации, вештачка интелигенција и дигитализација, што деновиве беше актуализирано и во Македонија, на вториот германско-македонски бизнис-самит одржан во Скопје. Тоа е изразено преку стратешката определба на Владата за премин од економија базирана на традиционално производство со ниска додадена вредност и евтина работна сила кон високотехнолошки сектори во услови на голем број геополитички предизвици.
Оваа определба може да се поврзе и со промовирањето на долгорочната стратегија за демографска отпорност наменета на задржување на младите во државата и инвестирање во човечкиот капитал, што Македонија секако го поседува. Тоа го покажуваат и освоените медали на меѓународните олимпијади по математика во Франкфурт и во Солун и по хемија во Москва од страна на талентирани деца од Тетово и од Штип, кои деновиве се слават главно на социјалните мрежи.
Токму младите генерации треба да бидат двигател на напредокот на општеството следејќи ги модерните научни и технолошки трендови. А со години се укажува дека Македонија го губи младото и работоспособно население во одливот на мозоци, што е сериозен проблем, од чие решавање зависи и иднината на државата. Алармот е одамна вклучен, па постојано се дебатира за наоѓање решенија, мерки, планови, стратегии, првенствено базирани врз вработувања, поголеми плати, односно подобрување на животниот стандард, зајакнување на институциите и искоренување на корупцијата.
Премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати директно се обрати до младите во Македонија повикувајќи ги да останат во државата и да ја градат својата иднина тука, како што го стори тоа и на регионалната министерска конференција за справување со демографските промени и градење отпорност. Во таа пригода премиерот употреби слична реторика како американскиот претседател Џон Ф. Кенеди во неговиот инаугуративен говор во 1961 година, порачувајќи дека „конечно треба сите ние да си го поставиме прашањето што можеме ние да направиме за татковината, а не татковината за нас“. Слично на мислата на Кенеди, „не прашувајте што може вашата земја да направи за вас, прашајте што можете да направите за вашата земја“.
Овие паралели на Македонија со САД можеби звучат далечно, како и пораките за задржување на младите во државата, особено во сегашните услови на глобални превирања и економски кризи што влијаат на животниот стандард. Но ние засега немаме амбиции за освојување на вселената како Маск, туку би се задржале на создавање подобри услови на Земјата. Впрочем и пораката на Кенеди беше критикувана од дел од американската јавност, бидејќи се сметаше дека звучи премногу идеалистички, како и дека е незначителна без конкретни владини политики што ќе ја поткрепат. А сепак послужи како повик за граѓанска одговорност и несебичност, поттикнувајќи ги Американците да се фокусираат на придонес кон нацијата, наместо на лична добивка, ставајќи акцент на колективниот труд. Повикот што поттикна чувство на единство и заедништво ги охрабрува поединците да ја променат перспективата од лична корист кон колективен придонес, сугерирајќи дека преку помагање на нацијата и општеството, тие индиректно ќе остварат бенефит и за себе.
Инспирацијата од најразвиената земја на светот и наш стратешки сојузник во заложбите за напредок на земјава, затоа не смее да остане само на зборови, туку преку издржани политики треба да ни овозможи самите да го трасираме својот пат кон одржлива и подобра иднина на Македонија и на сите што живеат во неа. Извесно е дека земјава има потенцијал за напредок, но дека тој може да се реализира само преку конкретни реформи, вложување во човечкиот капитал и со активно учество на сите општествени чинители. Пораките се јасно слушнати, проблемот е одамна детектиран, сега е потребно сериозно да се зафатиме со негово решавање.
































