ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Пари Сен Жермен – Арсенал меч за европската титула и за рекорди
Мечот за трофејот во Лигата на шампионите (ЛШ), во 71. сезона на најсилното европско клупско натрпеварување, е денеска (18 часот) помеѓу Пари Сен Жермен и Арсенал, на арената „Пушкаш“ во Будимпешта, дуел во кој Пари Сен Жермен се стреми да стане само вториот клуб во ерата на ЛШ што ја одбранил титулата, по Реал Мадрид (победи од 2016 до 2018 година), а Арсенал, вицешампион во 2006 година, игра за да стане јубилејниот 25. клуб што го освоил трофејот и втор нов европски првак по ред, по триумфот на Пари Сен Жермен лани, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Луис Енрике се пласира во своето трето финале во ЛШ како тренер, откако претходно ги предводеше Барселона до титулата во 2015 година и Пари Сен Жермен лани. Само четири тренери имаат повеќе од две титули, Карло Анчелоти пет, Боб Пејсли, Зинедин Зидан и Пеп Гвардиола по три. Енрике би можел да стане првиот шпански тренер што освоил две европски титули по ред, по Хозе Вилалонга со Реал Мадрид во 1956 и во 1957 година, пишува УЕФА.
Арсенал може да стане 13. тим што до трофејот стигнал без пораз, а Пари Сен Жермен вкупно деветти клуб што ја одбранил титулата од претходната сезона, втор откако натпреварувањето се игра како ЛШ (од 1993 година).
Арсенал е и петтиот различен англиски финалист на ЛШ во претходните осум сезони (Ливерпул и Манчестер сити по двапати, а Тотенхем и Челси по еднаш). Тимот на Микел Артета се обидува да биде седмиот англиски клуб што освоил европска титула (претходно Астон вила, Челси, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Нотингем форест), а ниту една друга земја не дала повеќе од три различни победници, пишува УЕФА. Н.М.
По триумфот на Кристал палас, Англија има 12 клуба што освоиле големи европски пехари
Конференциската лига се игра од 2021 година, досега се комплетираа пет сезони, а клубовите од англиската фудбалска Премиер-лига веќе се издвоија како убедливо најуспешни. Со триумфот во средата на Кристал палас во тоа натпреварување (1-0 на дуелот со Рајо Валјекано) Англија сега има три победници (Вест хем победи во 2023 година, Челси, во 2025 година). Вкупно, Англија со триумфот на Кристал палас сега има 12 клуба што победиле во некој од големите купови на Европската фудбалска унија (УЕФА), во Лигата на шампионите (порано Куп на шампионите), Лига Европа (порано Куп на УЕФА), Конференциската лига и во некогашниот Куп на победниците на куповите (се играше до 1999 година, кога се спои со Купот на УЕФА), и тоа Ливерпул, Манчестер јунајтед, Нотингем форест, Астон вила, Челси, Манчестер сити, Арсенал, Тотенхем, Ипсвич, Вест хем, Евертон и Кристал палас. Н.М.
На Оливер Гласнер сега му недостига само уште трофејот во ЛШ
Австрискиот фудбалски тренер Оливер Гласнер го освои третиот трофеј со Кристал палас и втор европски во својата кариера, па сега, од европските купови, му недостига само уште пехарот во Лигата на шампионите (ЛШ). Кристал палас под водство на Гласнер лани во Англија победи во ФА-купот и во Суперкупот, а во средата освои прв европски трофеј, во Конференциската лига. Гласнер претходно ја освои Лига Европа со Ајнтрахт, во 2022 година. Н.М.
Пак девет тима од Премиер-лигата ќе играат во Европа
Англија пак ќе има девет тима во европските фудбалски купови. Сезонава Премиер-лигата беше претставена со шест клуба во Лигата на шампионите (ЛШ, играа Арсенал, Ливерпул, Манчестер сити, Челси, Њукасл и Тотенхем), два во Лига Европа (ЛЕ, Астон вила и Нотингем форест) и еден во Конференциската лига (КЛ, Кристал палас). Идната сезона Англија ќе има пет тима во ЛШ (Арсенал, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Астон вила и Ливерпул), три во ЛЕ (Кристал палас, Борнмут и Сандерленд) и еден во КЛ (Брајтон). Сезонава сите играа во нокаут-рундите, Астон вила и Кристал палас ги освоија трофеите, Арсенал утре игра за европската титула… Н.М.
































