Илустрација / Фото: МОН / Архива

Следната сабота започнува полагањето на екстерните испити од државната матура за повеќе од 14.500 ученици кои годинава го завршуваат средното образование.

Според измените во Законот за средното образование, матурантите оваа година ќе полагаат три типа матурски испити, државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.

Од вкупно 14.587 пријавени ученици, 12.184 ќе полагаат државна матура, 2.276 државна стручна матура, а 127 ученици се пријавени за државна уметничка матура.

Гимназијалците полагаат исклучиво државна матура и пријавени се 5.713 кандидати. Учениците од стручните и уметничките училишта, пак, имаат можност да изберат помеѓу државна матура и стручна, односно уметничка матура.

Директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска-Михајловска, изјави дека подготовките се одвиваат според предвидената динамика и дека институцијата е подготвена за новиот концепт на полагање.

„Целта ни е сите ученици да имаат еднакви услови и фер полагање. Изработени се посебни тестови за секој вид матура, согласно испитните програми“, изјави Јовчевска-Михајловска.

Како и минатата година, дел од екстерните испити ќе се полагаат во амфитеатрите на факултетите, особено за училиштата кои немаат соодветни просторни услови. Останатите ученици ќе полагаат во спортски сали, холови и аули во своите училишта.

Првиот екстерен испит е закажан за 6 јуни во 9 часот, кога матурантите ќе полагаат изборен предмет. Најголем дел од кандидатите се пријавени за англиски јазик – вкупно 13.208 ученици.

За математика се пријавени 1.173 кандидати, додека за историја има 38 пријавени ученици.

Задолжителниот испит по мајчин јазик и литература ќе се полага на 11 и 12 јуни, зависно од видот на матурата.

Македонски јазик и литература ќе полагаат 9.810 ученици, албански јазик 4.199, турски јазик 360, а српски јазик пет кандидати.

Од Државниот испитен центар информираат дека за спроведување на испитите ќе бидат ангажирани околу 2.500 тестатори и околу 200 набљудувачи.

Во просториите каде што ќе се полагаат испитите ќе биде забрането користење мобилни телефони и други електронски уреди.