Фото: МЕРМС

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и хрватскиот министер за економија Анте Шушњар денеска во Охрид потпишаа Меморандум за разбирање и соработка во енергетскиот сектор меѓу Македонија и Хрватска.

Меморандумот е потпишан во рамки на посетата на висока хрватска делегација, предводена од премиерот Андреј Пленковиќ, при што паралелно беше потпишан и Договор за стратешка соработка меѓу двете влади.

Посетата беше заокружена со бизнис форум на кој учествуваа претставници од македонската и хрватската деловна заедница, каде беа презентирани можности за нови инвестиции и проекти, особено во енергетскиот сектор.

Министерката Божиновска на форумот истакна дека енергетиката е една од најважните стратешки области во Европа, нагласувајќи дека глобалните кризи ја потврдиле потребата од енергетска сигурност и регионална соработка.

– Енергетиката денес е една од најважните стратешки области за Европа и за целиот регион. Војната во Украина, како и случувањата на Блискиот Исток, јасно покажаа дека енергетската сигурност повеќе не е само економско, туку и геополитичко и безбедносно прашање. Затоа, државите кои знаат да соработуваат, да инвестираат и да градат заеднички инфраструктурни проекти, ќе бидат посилни, постабилни и поотпорни на идните предизвици – истакна министерката Божиновска во своето обраќање на Форумот.

Таа порача дека државите кои инвестираат во заеднички проекти и инфраструктура ќе бидат поотпорни на идните геополитички и економски предизвици.

Според соопштението, меморандумот има за цел да ја зајакне соработката во повеќе области, вклучувајќи енергетска безбедност и интерконекции, интеграција на обновливи извори, транзиција кон нискојаглеродни системи, усогласување со ЕУ регулативите и зајакнување на институционалните капацитети.

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) посочуваат дека со овој документ се продолжува регионалната соработка како клучен предуслов за успешна енергетска транзиција и стабилен енергетски систем.