Јовановски, Михајловски и Алексовска по добивањето на медалите

КУГЛАЊЕ

  • Тие освоија сребрен медал на СП во куглање во Австрија, во дисциплината тандем-микс до 23 години

Стефанија Алексовска и Дарко Јовановски постигнаа огромен успех освојувајќи го сребрениот медал на Светското првенство (СП) во куглање, во Швац (Австрија), во дисциплината тандем-микс до 23 години. Тие до медалот стигнаа со победа на дуелот со естонската двојка со 2-0, потоа романската на пенали, откако резултатот беше 1-1 по патеки, во полуфиналето беше елиминирана чешката двојка, исто така по пенали, а во финалето загубија од словенечката двојка со 0-2. Одличен успех и, по долг медалски пост од големите првенства, Македонија повторно се враќа на вистинските патеки. Во минатото само Александар Соколовски и Адријана Кочишка освои бронзен медал во Бауцен (Германија) во 2012 година, како и Александар Соколовски и Мери Јанева, кои исто така беа трети во Брно (Чешка) во 2014 година во оваа дисциплина.
– Македонија има долга кугларска традиција, македонската школа била препознатлива во минатото со многу истакнати кугларски имиња, од кои највисоко се искачил Бранко Манев, кој беше јуниорски светски првак поединечно и во комбинација, и неговата генерација Бојан Влакевски, Александар Соколовски, Адријана Кочишка, Мери Јанева. Ова не е прв медал, сме имале и порано, но по 2014 година во младите категории немало медал, додека сениорите екипно беа втори на СП 2013.

Но, за жал, кугларските клубови се сведоа само на пет, од кои само два имаат свој подмладок, што е алармантно трагично, а тоа се битолските клубови Пелистер Пин и Пелистер 1982. Впрочем, и сите репрезентативци во возрасните категории до 19 и до 23 години се од Битола. Како селектор се соочувам со неможност за елементарна селекција и борба со резултати, оти скопските клубови едноставно не создаваат свои млади куглари или кугларки. Проблемот со кугларниците е долг и со години зборуван, недостигаат на истокот, во поголемите градови на западот, а не може еден спорт да се развива само со два кугларски града, Скопје и Битола. За тоа дека имаме иднина, кажуваат резултатите. И Влатко Талевски и Емилија Илијевска имаат по 16 години, а се натпреваруваат со 19-20 годишници. Оваа генерација повозрасни млади куглари предводени од најдобрата македонска кугларка со светски ранг, Стефанија Алексовска, веќе за две години преминуваат во сениори – вели селекторот на македонската младинска репрезентација Игор Михајловски.
Алексовска во поединечна конкуренција на ова СП постигна свој нов личен рекорд од 634 кегли, што ја одведе во самата завршница на СП, а личен рекорд од 602 соборени кегли постигна и Јовановски. Во Швац задутре почнува и поединечното СП за сениори, на кое ќе настапат и македонски куглари. Г.И.