Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (20)

Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците.

Од генетска и еволутивна перспектива, разликата меѓу волкот и кучето е многу помала отколку што јавноста интуитивно претпоставува. Современата геномика покажува дека домашното куче (Canis lupus familiaris) и сивиот волк (Canis lupus) делат над 99 отсто генетска сличност и разликата не е во „биолошката суштина“, туку во степенот на адаптација кон човекот и ресурсите околу него.
Токму оваа научна нијанса често се губи во јавните дебати. Јас лично бев предмет на остри реакции од емотивно мотивирани активисти кога јавно укажав токму на таа тенка, но научно значајна граница – дека слободноживеачките кучиња од депонии, периферии и урбани маргини не можат едноставно да се третираат како класични „миленици“, туку како стабилизирана популација со сопствена еколошка логика. Слободноживеачките кучиња се движат во рамките на свој просторен опсег во потрага по ресурси, формираат флексибилни социјални структури и преживуваат преку опортунистичка адаптација на урбаната средина, со ограничена зависност од човекот, при што во одредени еколошки и однесувачки аспекти покажуваат повеќе сличности со диви каниди (волци, шакали, лисици) отколку со кучињата како домашни миленици. Во тој контекст, дебатата за благосостојбата не може да се води на ниво на емоција, туку на ниво на етологија, ветеринарна бихевиористика, урбана екологија и популациска динамика.
Ова прашање повторно се отвори со случајот во скопската населба Козле, кога беше заловено животно за кое се постави дилемата дали станува збор за припитомен волк или, пак, за куче. Институционално, одговорот ја менува дестинацијата: зоолошка градина или стационар за бездомни кучиња. Но научно, дилемата отвора многу подлабок проблем – што всушност значи „подобра благосостојба“ за различни биолошки и бихевиорални профили?
Кај дивите животни во зоолошките градини основниот проблем е структурен. Етологијата јасно покажува дека видови како волк, мечка или примати се еволутивно адаптирани на големи територии, сложена социјална динамика и висока когнитивна стимулација преку лов, истражување и територијално однесување. Во зоолошките градини, тие се во заробеништво и иако добиваат сигурна храна и ветеринарна грижа, сепак ја губат клучната компонента на нивната биологија: автономијата на движење и одлучување.

Резултатот, документиран во зоолошката и компаративната бихевиористика, често се манифестира преку стереотипни однесувања – повторувачки, нефункционални модели на движење што се сметаат за индикатор на хроничен стрес и фрустрација.
Дополнителен проблем е што јавноста често дивите животни ги перципира како непосредна и екстремна опасност, иако науката за однесување покажува спротивен модел. Волците, лисиците, мечките и змиите имаат силно развиен механизам на избегнување конфликт. Во природата, секоја непотребна повреда претставува ризик за преживување, па затоа дивите животни еволутивно се селектирани да избегнуваат директен контакт со човекот и други потенцијално опасни организми.
Нивниот примарен одговор е дистанца, а не напад. Токму затоа, и покрај големото присуство на различни диви видови во Македонија, статистички, речиси и нема регистрирани фатални или масовни напади врз луѓе од диви животни. Во јавната перцепција постои силен медиумски ефект: ретката појава на волк, мечка, змија или лисица во населено место автоматски се претвора во сензација и симбол на закана, иако реалниот ризик е исклучително низок.
Сосема поинаква е етолошката логика кај дел од големите слободноживеачки селски кучиња што талкаат во перифериите и градовите. За разлика од дивите животни, тие не покажуваат класичен страв од човекот. Кога такви животни мигрираат во градска средина, тие често влегуваат во конфликт околу територија, пристап до храна, женки и ресурсни точки. Тие не бегаат автоматски од човекот како волк или лисица, туку често го перципираат како дел од просторот во кој се натпреваруваат или реагираат.
Токму затоа реалната статистика покажува парадокс што јавноста ретко сака да го прифати: во Македонија практично нема значајни напади врз луѓе од диви животни, додека годишно има илјадници пријавени каснувања и напади од кучиња – и слободноживеачки и сопственички.
Популациската биологија на урбаните кучиња покажува дека значителен дел од нив не се директно „напуштени миленици“, туку генерациски адаптирани популации што живеат во периурбани зони, депонии и маргинални екосистеми, користејќи човечки отпад и инфраструктура како ресурсна база.
Овие популации имаат различна етолошка структура од домашните кучиња. Недостигот од рана социјализација со човекот значи дека нивниот бихевиорален репертоар е насочен кон избегнување, адаптација и минимален контакт, а не кон зависност и социјална интеракција. Во такви услови, затворањето во мал простор во стационар или дом, постојаниот близок контакт со луѓе и наглата промена на средината може да предизвикаат сериозен хроничен стрес, анксиозност или реактивна агресија.
Сепак, постои клучна разлика меѓу двата система. Кучето, дури и во својата слободноживеачка форма, е продукт на долга коеволуција со човекот. Неговата биологија е делумно приспособена на урбани услови и човечко присуство. Волкот, напротив, останува строго див вид чија етолошка програма не предвидува трајно заробување.

Токму тука се враќаме на суштинското прашање од Козле. Ако животното е волк, неговото сместување во зоолошки систем значи поставување во средина што е фундаментално спротивна на неговата еволутивна логика. Ако е куче од слободноживеачка популација, неговото сместување во систем на интензивна човечка интеракција може да значи друг вид на етолошки конфликт со прекумерната социјализација и ограничување.
Затоа дилемата не е административна, туку биолошка. Таа ја открива суштинската граница на современото управување со животните: не секоја форма на „заштита“ автоматски значи подобра благосостојба.
И можеби токму затоа случајот од Козле остана отворен во јавната перцепција. Не затоа што не знаеме дали станува збор за волк или куче, туку затоа што сè уште не сме целосно подготвени да ја прифатиме научната сложеност зад едно навидум едноставно прашање: каде, всушност, животното ја губи повеќе својата природа – зад решетки наменети за дивина или во системи создадени да ја контролираат слободата на урбаната адаптација.

Илија Петковски