Ракета на компанијата „Блу Ориџин“ експлодираше на лансирна рампа во Флорида за време на тестирање на мотор, при што огромна огнена топка го зафати објектот во Кејп Канаверал.
Компанијата, која е во сопственост на милијардерот Џеф Безос, потврди дека дошло до аномалија при тестот за палење на моторот, но нагласи дека сите вработени се безбедни и нема повредени.
Инцидентот се случил околу 21 часот по локално време, а снимките од местото брзо се проширија на социјалните мрежи.
Основачот на компанијата, Џеф Безос, изјави дека е прерано да се утврди причината за експлозијата, но дека веќе е започната истрага.
All personnel are accounted for and safe. It’s too early to know the root cause but we’re already working to find it. Very rough day, but we’ll rebuild whatever needs rebuilding and get back to flying. It’s worth it.
— Jeff Bezos (@JeffBezos) May 29, 2026
– Ова е многу тежок ден, но ќе вратиме сè што е потребно и повторно ќе летаме – порача Безос.
Управата за вонредни состојби на округот Бревард соопшти дека нема опасност за околината, додека Вселенските сили на САД информираа дека нивните служби за итни случаи се на терен и соработуваат со компанијата во анализата на инцидентот.
Федералната администрација за воздухопловство соопшти дека тестирањето не било дел од активност лиценцирана од агенцијата и дека немало влијание врз воздушниот сообраќај.
Инцидентот го коментираше и директорот на НАСА, Џаред Исакман, кој истакна дека развојот на ракети за тешки товари е исклучително сложен процес и најави поддршка за истрагата.
Експлозијата доаѓа само еден месец по проблемите со ракетата „Њу Глен“, која беше повлечена поради истрага по претходно лансирање. И покрај неуспесите, компанијата минатиот ноември успешно ја лансираше истата ракета од Флорида.
































