Пролетна задушница
В сабота, според христијанската традиција, ќе се одбележи Задушница, со молитвено застапништво за починатите. Многумина од православните христијани и оваа година за претстојниот викенд, кога ќе се одбележува Задушница, во духот на вистинската вера ќе настојуваат да го оживеат споменот и да им оддадат почит на починатите. Според обичајот, уште в сабота вечер ќе заминат на гробиштата, за да преноќат, а другиот ден ќе делат и ќе оставаат храна на гробовите. На тој начин тие сметаат дека им оддале почит на починатите.
Во текот на годината има денови задушници кога се посетуваат гробовите и црквите за починатите и за принесување жртви за нивно спасение и за поправање на состојбата во која тие се наоѓаат во задгробниот живот. Самиот збор задушница значи за душата. И, според оваа терминологија, тоа подразбира принесување жртви и молитви. Под принесување жртва се подразбира варена пченица и вино, а во некои краишта се принесува и леб. И на тоа се ограничува принесувањето на жртвата, зашто во православната жртва има само бескрвна жртва.
Според Православната црква, постојат три задушници. Првата во годината е Пролетната задушница, која се поврзува со почетокот на велигденскиот пост, односно саботата пред почетокот на постот. Потоа, следува Духовденската задушница, која се одбележува во саботата пред празникот Духовден, односно на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. На крајот од годината следува Митровденската задушница, пред празникот Митровден.
Задушница (Мртва сабота, Мртвен, Мртвени дни) се деновите во кои, според народните верувања, душите на покојните предци и блиски доаѓаат од оној свет кај своите блиски барајќи од нив храна, пијалак, затоплување, чистење (капење) итн. Се верувало дека заборавањето на душите на покојните може да предизвика суши, поплави, немаштија, болести и други несреќи. Кај народот постојат две примарни (пролетна и есенска) задушници.
































